„ГОРЕА“ БАНКОМАТИТЕ И ПОС-ТЕРМИНАЛИТЕ ВО БУГАРИЈА За два дена 933.000 трансакции и 42 милиони евра во оптек

Националниот систем „Борика“ регистрира рекордна активност веднаш по воведувањето на еврото како официјална валута.

10,480

Речиси милион трансакции и околу 42 милиони евра во оптек – ова е билансот од првите 48 часа по официјалното воведување на еврото како платежна валута во Бугарија, покажуваат податоците на националниот систем за картички и платежна инфраструктура „Борика“.

Во првите два дена од 2026 година, граѓаните интензивно ги користеле банкоматите и ПОС терминалите, при што преку националната инфраструктура биле реализирани повеќе од 933.000 трансакции, со вкупна вредност од околу 42 милиони евра.






Податоците покажуваат дека безготовинските плаќања доминираат по број, сочинувајќи повеќе од 86 проценти од сите операции, но кога станува збор за вредноста на трансакциите, повлекувањето готовина и депонирањето пари преку банкомати учествуваат со над 52 проценти од вкупниот износ.

Само во првите 48 часа, системот обработил повеќе од 804.000 ПОС трансакции, односно директни плаќања со картички на продажни места, со вкупна вредност поголема од 20 милиони евра. Просечниот износ на едно плаќање изнесувал околу 25 евра, што укажува на масовна употреба на картички за секојдневни набавки.

Истовремено, граѓаните масовно подигале готовина. Забележани се околу 125.000 подигнувања од банкомати, со вкупна вредност над 18 милиони евра, при што просечниот износ по трансакција бил 144 евра.

Значителна активност е регистрирана и кај депозитите преку банкомати. Реализирани се речиси 3.500 депозитни трансакции, со вкупна вредност од околу 3,8 милиони евра, а просечниот износ по депозит достигнал 1.100 евра.

Според „Борика“, интензитетот на користење на платежниот систем во овој период бил исклучително висок – во просек 19.446 трансакции на час, односно 324 трансакции во минута, што укажува на брза адаптација на граѓаните на новата валута уште од првиот ден.

Поврзани содржини