ВРЕМЕ Е ЗА ЗАЕДНИШТВО И ЗА РАДОСТ Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги покани граѓаните на прослава на скопскиот плоштад
Сите сте добредојдени да бидете дел од оваа новогодишна приказна, исполнета со позитивна енергија и врвна забава – порача Ѓорѓиевски.
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски преку објава на својот фејсбук профил утре ги покани скопјани на плоштадот „Македонија“ на, како што вели, незаборавен дочек на Новата 2026 година, ноќ која повторно ќе го сплоти градот и порачува дека со домашни изведувачи, омилени на публиката, создале „програма што ги поврзува сите генерации“.
„Програмата започнува во 19:45 часот со моќниот вокал на Миле Кузмановски, а продолжува со Огнен Здравковски. Следуваат Дина Јашари, легендарните Куку Леле и неповторливата Тамара Тодевска. Кулминацијата ја носат милениците на младата публика Пајак, Лара и Два Бона, додека магичниот момент на пречекот на Новата година ќе го одбележи настапот на Каролина Гочева“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Почитувани скопјани, се вели во неговата објава, доста беше мрак. Време е за заедништво и за радост. Време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави, знае да обединува и знае да биде лидер во културните настани.
„Со домашни изведувачи, омилени на публиката, создадовме програма што ги поврзува сите генерации. Ова е наш подарок за градот убав – за повторно да живее, да пулсира и да сонува. Ве поканувам сите, драги скопјани, да ни се придружите и заедно да ја пречекаме 2026 година со насмевки, музика и незаборавни мигови. Сите сте добредојдени да бидете дел од оваа новогодишна приказна, исполнета со позитивна енергија и врвна забава. Се гледаме!, се нагласува во статусот на Ѓорѓиевски на Фејсбук.
