📽️ СКОПЈЕ ВО ПРАЗНИЧЕН СЈАЈ Светла, бои и еуфорија во срцето на градот
Новогодишната магија на Плоштадот „Македонија“ ќе продолжи и во наредните денови, нудејќи уште една причина граѓаните да излезат, да прошетаат и да уживаат во празничната атмосфера што го обвива Скопје.
Плоштадот „Македонија“ вечеравечер се претвори во вистинска празнична сцена, откако недовршената зграда во самиот центар на Скопје блесна во разни бои и динамични визуелни прикази, носејќи новогодишна и божиќна еуфорија меѓу граѓаните и посетителите.
Како дел од програмата „Новогодишна зимска бајка“, секоја вечер од 18:00 часот па сè до дочекот на Новата година, фасадата на зградата станува платно за импресивно 3D мапинг-шоу, кое со светлосни ефекти, анимации и празнични мотиви создава вистинско уживање за сите генерации.
На плоштадот може да се забележат семејства со деца, млади, повозрасни скопјани, но и бројни туристи, кои со мобилни телефони го снимаат спектаклот и ја споделуваат магијата на социјалните мрежи. Веселата атмосфера, светлата и празничниот дух го прават центарот на градот едно од најпосетените места во овие денови.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на социјалните мрежи сподели видео од спектаклот, истакнувајќи дека ова визуелно шоу е подарок за скопјани и дел од празничната програма што има за цел да донесе радост, забава и чувство на заедништво во пресрет на Новата година.
Новогодишната магија на Плоштадот „Македонија“ ќе продолжи и во наредните денови, нудејќи уште една причина граѓаните да излезат, да прошетаат и да уживаат во празничната атмосфера што го обвива Скопје.