КРАЈ НА ХАОСОТ СО ПАРКИРАЊЕТО НА КЛИНИЧКИ Комплексот добива нов „смарт“ паркинг и катна гаража до мај

До мај се најавува нов паркинг со катна гаража, а државата планира и 150 нови амбулантни возила во наредните две години

649

Министерот за здравство Азир Алиу најави дека до мај Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје ќе добие целосно нов паркинг, со „смарт“ инфраструктура и катна гаража, што треба да го реши долгогодишниот проблем со паркирањето за пациентите и вработените.

Одговарајќи на новинарски прашања, Алиу појасни дека досега реализацијата била закочена поради административни проблеми поврзани со инфраструктурата на паркингот, но дека тие пречки се надминати и проектот влегува во завршна фаза.






Покрај инфраструктурните зафати, министерот информираше дека Министерството за здравство, заедно со Министерството за образование и наука, работи на изработка на национална стратегија за развој на здравствени кадри во следните 10 години.

– Ова не е процес што може да се заврши за една или четири години. За да се изгради профил на еден лекар потребни се минимум шест години, а ние сакаме системски и долгорочен пристап – истакна Алиу.

Тој најави и значително зајакнување на итната медицинска помош. Како што рече, во соработка со Владата ќе бидат набавени 100 нови амбулантни возила, а дополнителни 50 се планирани за 2027 година.

– За кратко време здравствениот систем ќе добие 150 нови, целосно опремени амбулантни возила, со што значително ќе се подобри услугата за граѓаните – нагласи министерот.

Изјавите Алиу ги даде по посетата на реконструираната Клиника за гинекологија и акушерство, каде што беше презентиран напредокот во унапредувањето на здравствената инфраструктура.

Поврзани содржини