ГРАЃАНИТЕ ТРЕБА ДА ОДЛУЧАТ ДАЛИ ЌЕ МУ ВЕРУВААТ НА ЕВРОСТАТ ИЛИ НА ТЕВДОВСКИ, ЈОВАНОВИЌ И ПОПОВСКИ Мицкоски оцени дека животниот стандард се подобрува

Премиерот рече дека инфлацијата се намалува, а дека животниот стандард е подобар од порано говорат и податоците на Евростат според кои земјава има пониска потрошувачка кошничка од европскиот просек.

702

Денес, во услови кога имаме јасна надолна линија на инфлацијата, една од најниските во Европа, под 4%, со тенденција идната година да се стабилизира меѓу 2 и 3%, опозицијата, во отсуство на креативна идеја и реални политики, се занимава со клеветнички напади врз Владата, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Тој од собраниската говорница, одговорајќи на пратеничко прашање, порача дека СДСМ имаше можност да направи нешто за подобрување на животниот стандард, но наместо тоа дозволи рекордни стапки на инфлација.






–  Можам само да кажам дека во состојба кога беа влада имаа можност да покажат дека тоа што го прават е правилно и дека политиките се во насока на подобрување на животниот стандард. Но, што направија? Имавме рекордни стапки на инфлација од 17, 18 и 19% на годишно ниво. Тоа беа години кога се нанесе жесток удар врз стандадрот на граѓаните. Од 2020 – 2023 се нанесоа најжестоките удари врз граѓаните и државата со задолжување, безмилосно трошење, грабеж, лоши политики. Тоа  е пример што ќе се изучува во учебниците – како не треба да функционира една влада. За среќа тоа е сега минато, нашата задача е тешка, но ние ја прифативме со големо чувство на државност и секој ден работиме да исправиме по нешто погрешно направено во 2020 – 2023 година -рече Мицкоски.

Тој се повика и на последниот извештај од Евростат.

– Сакам да кажам неколку факти. Евростат пред некој ден кажа дека потрошувачката кошница во Македонија споредена со просек дефиниран како 100%, е најевтина во Европа, 72 – 73%. Сите во регионот, буквално, се со поскапа потрошувачка кошница од нашата. Граѓаните имаат две опции, да му веруваат на Евростат или на кошницата што ја креираат Бранимир Јовановиќ, Драган Тевдовски и Никола Попоски. Граѓаните се тие што треба да одлучат. Дека цените се високи – да, а точно е тоа и дека секој ден треба да се бориме за подобар стандард и се бориме – рече Мицкоски.

Тој додаде дека граѓаните знаат кому ја даваат довербата.

– Животниот стандард е битка што во континуитет треба да ја води една влада. За подобар животен стандард треба во континуитет да се бориме и да работиме. Таа битка не смеете да ја изгубите, ако ја изгубите ќе ја изгубите и довербата кај граѓаните. Евидентно е дека довербата расте и од избори во избори резултатите се зголемуваат – рече Мицкоски.

Прашањето го постави пратеничката Емилија Ангелова од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини