ТРАГИЧЕН КРАЈ НА ПОТРАГАТА ПО ИСЧЕЗНАТИОТ СКОПЈАНЕЦ Пронајден мртов кај Трубарево, телото е извлечено од Вардар

Телото на 71-годишниот Петар, по кого семејството и граѓаните трагале од претходниот ден, е пронајдено во водите на реката Вардар кај Трубарево.

1,160

71-годишен скопјанец, пријавен за исчезнат еден ден претходно, е пронајден мртов во водите на реката Вардар, во атарот на селото Трубарево.

Од СВР Скопје информираат дека на 24 декември 2025 година околу 14:20 часот било пријавено оти околу 11 часот е забележано и извлечено тело на машко лице од реката. По извршената идентификација било утврдено дека станува збор за П.С. (71) од Скопје, за кого на 23 декември семејството пријавило дека се оддалечил од домот.






На местото бил извршен увид, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на обдукција, со цел да се утврдат причините за смртта.

Исчезнувањето на Петар ја вознемири јавноста откако неговиот син, Владимир Стојановски, на социјалните мрежи побара помош од граѓаните. Во објавата наведе дека татко му излегол од дома рано наутро, облечен само во пиџами, и дека боледувал од деменција.

„Татко ми е исчезнат рано утрово, нешто околу 6:30 часот. Искочен е од дома најверојатно само по пиџами и е со деменција… Ве молам споделете“, напиша тогаш Стојановски, апелирајќи за било каква информација.

Апелот беше масовно споделуван, а граѓаните се вклучија во потрагата, надевајќи се на среќен исход. За жал, денеска синот ја објави тажната вест.

„Сакам да ве известам дека татко ми е пронајден. Нека му е лесна земјата. Немаме зборови да опишеме колку сме ви благодарни за целата грижа, поддршката и споделувањето. Останете убави и добри луѓе“, напиша Стојановски.

Случајот и понатаму е предмет на истрага, а јавноста ја очекува официјалната информација по завршување на обдукцијата.

Поврзани содржини