ИСТИ ЛУЃЕ ЗА РАЗЛИЧНИ ПРОЕКТИ ДОБИВАЛЕ ПАРИ ОД ФИТР Не се врши контрола каде завршиле парите и дали проектите се живи

Ревизорите утврдиле и низа незаконитости во финансиското работење на Фондот за иновации и технолошки развој во 2024 година.

338

Фондот за иновации и технолошки развој  (ФИТР) лани  сметководствено ги прикажувал неподмирениот долг кон добавувачите, но го скрил долгот за договори за дело, евалуација на проекти, надоместоци за управни тела, во вкупен износ од 152.094 евра, утврди ревизијата на работењето на ФИТР во 2024 година.

Ревизорите утврдиле дека Фондот нема ниту механизам за систематско следење на поддржаните проекти по нивното завршување, ниту се врши длабока анализа на нивното деловно и финансиско работење, па не се знае дали корисниците уплаќаат поврат на парите во износ од  5% од приходот. Дополнително поради долги јавни набавки за мониторинг доцнат исплатите кон проектите кои биле избрани за реализација, а со тоа и целите проекти и повратот на парите.






Според ревизорите, на крајот на 2024 година ФИТР објавил дека има долг кон добавувачите  од 13,8 милиони евра, но не ги прикажал долгот по други основи од 152.094 евра. Ревизорите овој долг го утврдиле по подетална анализа на сметководствените работи.

– Извршен е попис само на обврските кон корисниците на финансиска поддршка за кои е одобрен квартален извештај од мониторинг, а не и на вкупно евидентираните обврски кон корисниците, поради што салдото на краткорочни обврски спрема добавувачи утврдено од страна на пописната комисија се разликува од салдото на обврски евидентирани во сметководствената евиденција со состојба на 31.12.2024 година за 7,94 милиони евра, што не се законски – велат ревизорите.

Дополнително, се додава во Извештајот од ревизијата, Фондот немал ниту финансиски показатели за мерките, инструментите и активностите, освен за таканаречениот Столб1 кој се однесува на финансиската поддршка на приватниот сектор.

– Поради тоа што проектите од Столб 1 во најголем дел се реализираат подолго од една година, со Програмата не е дадена реална слика за потребните финансиски средства во 2024 година, ниту е наведено колкав дел од средствата се наменети за тековната година, а колкав за исплата на пренесени обврски од претходни години – наведуваат ревизорите.

Поради одолговлекување на постапката за јавна набавка на услуги за управување со проекти (мониторинг), Фондот доцнел со објава на извештаите и не ги исплаќал навреме корисниците што влијаело за застој на реализацијата на проектите од страна на корисниците.

Така ФИТР на крајот на 2024 година имал неподмирени обврски за одобрени извештаи кон корисниците во вкупен износ од 5,68 милиони евра, додека неисплатениот износ на задржаните средства од вкупниот буџет на проекти изнесува 228.78 евра.

– Една од причините за неподмирените обврски кон корисниците е измената на буџетот на ФИТР, со која средствата на сметката субвенции и трансфери е намалена за повеќе од 5 милиони евра, односно за 32% – велат од ДЗР.

ФИТР нема ниту централизирана база со податоци (софтвер) за доделената финансиска поддршка, преку која ќе се следи спроведувањето на одделни инструменти за финансиска поддршка. Исто така, нема ниту механизам за систематско и сеопфатно следење на постигнатите резултати од поддржаните проекти по нивното завршување, ниту се врши длабинска деловна и финансиска анализа.

Лани, според ревизијата, со одлука на Владата, но без посебно објаснување за причините  ФИТР  запрел 3 јавни конкурси за: кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст; кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт ап и спин оф и кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации.

Ревизорите утврдиле и незаконитости во однос на обврската за судир на интереси на вработените и членовите на Управниот одбор на ФИТР.

– Во спроведувањето на јавните повици утврдено е дека дел од вработените/ангажирани по договор за дело и членови на УО не секогаш потпишуваат изјави за судир на интереси, а директорот на ФИТР воопшто се нема изјаснето по основ на судир на интереси за јавните повици кои беа предмет на ревизија- се нагласува во извештајот.

Ревизорите исто така утврдиле дека исти лица – управители или сопственици на повеќе фирми се јавуваат и добивале пари од ФИТР.

Овие лица, посочува ДЗР, преку различни фирми аплицираат и добиваат средства за различни проекти, што создава можност за паралелна реализација на повеќе финансирања во рамки на повици што не го ограничуваат ваквиот модел.

Законот не ја санкционира појавата, но ревизорите апелираат да се применуваат добрите практики во тој однос налагаат еднаква распределба на можности, намалување на концентрацијата на средства кај поврзани лица, обезбедување на ефективна реализација на секој индивидуален проект, а трошоците прифатени за кофинансирање мора да бидат реални, неопходни и директно поврзани со проектот и базирани на пазарни цени и независни трансакции.

Со ревизија на актите утврдено е дека единствено кај инструментот за комерцијализација на иновации, постои регулаторна клаузула со која не е дозволено аплицирање доколку апликантот веќе има активен проект.

Во ФИТР не постои ниту ограничување или редослед на тематски блокови или секторски ќе се промовираат и не постојат критериуми за приоритетно финансирање.

Ревизорите, со анализа на портфолиото на корисници на ФИТР утврдиле дека најголем број од проектите кои имаат добиено финансиска поддршка се од областа на информатичката технологија (26,91%) и инженерска технологија (16,36%).

Кај инструментот „Комерцијализација на иновации“, ДЗР наведува дека и покрај договорната обврска за уплата на 5% од годишниот приход на корисникот остварен со продажба на производот/услугата кои се резултат на проектот, ФИТР нема механизам за потврда на висината на приходот од проектот, бидејќи тој често не се евидентира одвоено од страна на корисниците, ниту се уплаќа на посебна сметка.

Ревизијата ги обелодени резултатите од извршената анализа на документацијата на избраниот примерок од 10 завршени проекти поддржани од ФИТР, со цел оценка на исполнетоста на обврските за поврат на финансиската поддршка и успешноста на проектите.

Од извршените проверки, утврдено е дека само 3 проекти остваруваат приходи, додека 7 не остваруваат приход од реализираните активности.

Вкупното кофинансирање на ФИТР за проектите од примерокот изнесува 1.681.660 евра, од кои 387.804 евра се насочени кон проекти кои остваруваат приходи, а 1.293.856 евра кон проекти кои не остваруваат приходи.

Ревизијата препорачува ФИТР да воспостави механизам за следење на ефектите од доделените средства и наплата на приходите по завршување на проектите, со цел ефикасно користење на јавните средства и зголемување на придобивките од проектите.

Поврзани содржини