ЌЕ СВЕДОЧАТ РОДИТЕЛИ НА ЗАГИНАТИТЕ ВО „ПУЛС“ Продолжува судењето за пожарот во Кочани

На денешното судење ќе бидат дадени последните воведни зборови, за сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ Александар Нацев и за две правни лица. Потоа ќе почне сослушувањето на сведоците.

401

Со завршни зборови на одбраната на сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ Александар Нацев денеска во судницата на Кривичниот суд во Идризово ќе продолжи судењето за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март 2025 година, во кој загинаа 63 луѓе, меѓу кои 6 малолетни, а над 210 беа повредени, од кои 156 потешко.

Нацев е последниот обвинет, од вкупно обвинети 35 физички лица. Обвинителниот акт против него со одлука на судот на првото рочиште беше споен со обвинението против останатите 34 физички и трите правни лица, „МММ Кафе“ ДООЕЛ, „Венци проект“ и „Рубикон секјурити солушнс“.






На денешното судење ќе бидат дадени последните воведни зборови, за Нацев и за две правни лица. Потоа ќе почне сослушувањето на сведоците.

Прва ќе сведочи Марија Петрушевска, мајка на загинатиот Андреј, потоа Габриела Наунова и Александар Наунов, родители на загинатата Надица Наунова, како и Ирена Минева. Обвинителот Борче Јанев предложи за денешното рочиште да се повика и сведокот Дејан Николов.

Се очекува на судењето да сведочат 35 сведоци, предложени од Јавното обвинителство, плус сведоците на одбраната.

За пожарот, што избувна од пиротехниката за време на концерт на групата ДНК, им се суди на сопственикот и на менаџерите на дискотеката, членови на обезбедувањето, проектанти, на градежни и пазарни инспектори. На обвинителна клупа се и тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица поранешни директори и еден инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, како и двајца поранешни министри за економија и петмина службеници од Министерството за економија. Обвинението, што го застапуваат 15 обвинители, сите ги товари за Тешки дела против општата сигурност, односно дека во периодот од 2012 до денот на пожарот пропуштале да спроведат задолжителни мерки, надзори и контроли и на тој начин дошло до катастрофалните последици.

Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а судењето се одвива под засилено полициско обезбедување.

Поврзани содржини