ПОДОБАР ПРИСТАП ДО БАРДОВЦИ И ДО ЗЛОКУЌАНИ, РАСТОВАРУВАЊЕ НА „ПАРТИЗАНСКА“ И НА „ИЛИНДЕНСКА“ Ќе се поврзат мостот во Карпош и улицата Љубљанска

Конечно, по долг период на застој, продолжува изградбата на улицата Љубљанска, со што ќе се пушти во употреба мостот во Карпош. Довербата што ја добив од граѓаните е обврска да се решаваат проблемите кои со години беа наталожени, вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

170

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски изврши увид во градежните активности на улицата Љубљанска, со кои, по долг период на застој, повторно се активира проектот за ставање во функција на мостот во Карпош. Со ова се прави значаен чекор кон решавање на еден од долгогодишните инфраструктурни предизвици и се воспоставува клучна сообраќајна врска од интерес за целото Скопје, соопштија од кабинетот на градоначалникот.

– Конечно, по долг период на застој, продолжува изградбата на улицата Љубљанска, со што ќе се пушти во употреба мостот во Карпош. Довербата што ја добив од граѓаните е обврска да се решаваат проблемите кои со години беа наталожени. Денеска со задоволство можам да информирам дека продолжува реализацијата на проектот за поврзување на улицата Љубљанска со улицата Скупи, со што овој важен мост на реката Вардар конечно ќе биде ставен во функција на граѓаните – соопшти градоначалникот Ѓорѓиевски на Фејсбук.






Тој појасни дека проектот бил стопиран поради неопходноста да се обезбеди мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“, согласно законската регулатива.

– Со сериозна работа, силна волја и одговорен пристап, потребната дозвола е обезбедена, културното наследство е заштитено, а градежните активности ќе продолжат со засилен интензитет по завршувањето на конзерваторските зафати. Со комплетирањето на делот од мостот до улицата Скупи, ќе се воспостави клучна сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје. Тоа ќе значи подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и до Индустриската зона, значително растоварување на булеварите Партизански одреди и Илинденска, како и побрз и побезбеден излез кон обиколницата – вели Ѓорѓиевски.

Градоначалникот истакна дека со проектот се предвидува отворање нова современа сообраќајна оска.

– Нашата цел е намалување на сообраќајниот метеж, целосна заштита на културното наследство кај локалитетот Скупи и обезбедување безбеден и ефикасен проток за возила и пешаци. Унапредувањето на патната и сообраќајната инфраструктура е еден од нашите врвни приоритети, затоа што директно значи подобар квалитет на живот за сите. Скопјани заслужуваат функционален, поврзан и модерен град – вели Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини