ВИКЕНДОВ ПЕПЛОСАНИ 4 КОНТЕЈНЕРИ ВО ЧАИР И ВО НОВО ЛИСИЧЕ „Комунална хигиена“ бара да престане унишувањето, случаите се пријавени во полиција
Два пластични контејнера изгореле во Ново Лисиче, а два метални на булеварот Македонско-косовска бригада. Претпријатието соопшти дека ги заменило со нови и дека случаите се пријавени кај надлежните органи.
Непознати сторители запалиле четири контејнери за комунален отпад во Скопје во текот на изминатиот викенд. Два пластични контејнера биле опожарени во Ново Лисиче, во општина Аеродром, а уште два метални на булеварот Македонско-косовска бригада, во општина Чаир.
Сите четири контејнери биле со зафатнина од 1,1 кубен метар. Од ЈП „Комунална хигиена“-Скопје информираат дека опожарените садови биле заменети со нови во најкус можен рок, за да не се наруши редовното одлагање, собирање и транспортирање на комуналниот отпад.
„Апелираме да престане уништувањето на садовите за одлагање отпад, со цел екипите на Претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен, согласно Оперативната програма за работа“, велат од претпријатието.
Од таму додаваат дека сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени до надлежните органи и очекуваат да бидат преземени соодветни мерки за откривање и санкционирање на сторителите.
Покрај уништените контејнери, од „Комунална хигиена“ информираат и за активностите на терен во изминатата седмица. Екипите на претпријатието отстраниле вкупно 76 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад, кој бил незаконски одложен на јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини.
Најголемо количество отпад од диви депонии било расчистено во општина Центар, каде што биле отстранети вкупно 190 кубни метри отпад.
Во рамки на едукативните активности, во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Кисела Вода биле одржани еко-предавања за правилното постапување со отпадот и придобивките од неговата примарна селекција. Со предавањата биле опфатени 100 ученици од четвртите одделенија.