📽️ САКАМ ТИМ КОЈ ЌЕ СЕ БОРИ НА СЕКОЈ НАТПРЕВАР Новиот селектор Гоце Седлоски ја најави борбената Македонија

Гоце Седлоски официјално ја презеде функцијата селектор на македонската фудбалска репрезентација и го очекува дебито против Данска во баражот за Светското првенство.

405

Новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, денеска ја имаше првата прес-конференција. Ова беше и негова официјална промоција на новата позиција, на која го наследува Благоја Милевски.

– Голема чест и одговорност во мојата кариера. Го знам потенцијалот што го има репрезентацијата. Треба да изградиме систем и секој да се бори за секоја топка. Нема да бидеме фаворити на некои натпревари, но тоа не ни го одзема правото да се бориме. Сакам да видам тим кој ќе се бори до последната минута и очекувам максимален ангажман, храброст и желба на секој натпревар. Убеден сум дека ФФМ ќе ни обезбеди најдобри услови, а со поддршка од најблиските ветерани, Пандев, Новески, Ибраими, Најдоски, ќе постигнеме успех за нашиот национален состав – изјави новиот селектор Гоце Седлоски.






Долгогодишниот капитен на А репрезентацијата, Горан Пандев, истакна дека ја поддржува новата тренерска одлука.

– Му честитам на Седлоски. Го знам многу години, сме играле заедно. Се работи за човек што многу дал на македонскиот фудбал како играч, а последните години и како тренер. Тој е млад, перспективен тренер, и знам дека пред нас следува работа. Верувам во него и му посакувам успех – изјави Пандев.

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, ја образложи одлуката за именувањето на Седлоски.

– Упатувам благодарност до Благоја Милевски за досегашните резултати. Но, во фудбалот се случуваат промени и сега имаме нов селектор. Заклучивме дека репрезентацијата ѝ треба нова енергија за да можеме да оствариме голем резултат, пласман на Светско првенство. И самиот настап во баражот е за нас успех. Седлоски има „фајтерски“ карактер, таков беше и како играч. За оние кои не веруваат дека можеме да ја минеме Данска – подобро да не се качуваат во авионот – рече Омерагиќ.

Своето деби на клупата на Македонија, Седлоски, кој има одиграно 100 натпревари за националниот тим, ќе го има во Копенхаген против Данска во баражот за пласман на Светското првенство.

Поврзани содржини