🎥 БАГЕРИТЕ МУ ВЛЕГОА ПО ТЕМНИЦА, УШТЕ ВО 5 НАУТРО Уште едно уривање бесправна градба во Гази Баба
Сопственикот продолжил со градежни активности и покрај издадено решение за запирање на изградбата.
Општината Гази Баба утрово започна акција за уривање на новоизграден бесправен објект, откако сопственикот продолжил со градежни активности и покрај издадено решение за запирање на изградбата. Акцијата е спроведена во координација со МВР и надлежна фирма за рушење. Локалната власт најавува дека нема да прави компромис со тие што го кршат законот.
„Станува збор за објект кој се градеше бесправно, а во моментот на интервенцијата беше во приземје – карабина фаза“ – објаснува на својот профил на Фејсбук градоначалникот на општината Гази Баба, Бобан Стефковски.
„И покрај издадено решение од градежен инспектор, стопирање на градбата и затворање на градилиштето, субјектот продолжил со градежни активности, со што директно го прекрши Законот. Акцијата започна во 5 часот наутро, по претходна координација со МВР и фирмата задолжена за рушење.
Дополнително, беше спречена изградба на уште два нови објекти, кои беа во почетна фаза – ископани темели, на истата локација, веднаш до објектот што се рушеше“ – пишува градоначалникот Стефковски.
Тој во својата објава апелира до сите граѓани да го почитуваат законот и да не започнуваат со градење без соодветно одобрение од општината. „Компромис нема да има“, предупредува тој.
Во рок од седум дена ова е втора акција за рушење на дивоградба во општината Гази Баба.