АЛБАНСКАТА МИНИСТЕРКА СПИРОПАЛИ КАЈ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МЕЏИТИ Порака на политичка блискост
Присуството на г-ѓа Спиропали во Чаир испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание кон Албанците во Северна Македонија, соопшти Општина Чаир.
И градоначалникот на Чаир, Изет Меџити беше домаќин на Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Албанија, која ја посети Општината.
„Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси. Присуството на г-ѓа Спиропали во Чаир испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание кон Албанците во Северна Македонија“, соопшти Општина Чаир.
Оваа средба, се додава во соопштението, го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ.
Претходно Меџити и Спиропали положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на, како што се вели во соопштението, почит и длабоко уважување кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците.
„По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи“, соопшти Општина Чаир.
