СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ СТАНУВА ЦЕНТАР ВО РЕГИОНОТ Реализиран историски раст на бројот на патници и на авиолинии

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски рече дека од септември лани досега има 21 нова дестинација и најави дека од 6 април следната година стартуваат авиолиниите  Скопје-Наполи и Скопје-Будимшпешта, а од 28 јуни  Охрид-Катовице, Охрид-Вроцлав,  Охрид-Милано, а ќе стартува и редовната линија Охрид-Виена на Аустријан ерлајнс.

258

Три милиони патници на Скопскиот аеродром  е историја, нешто што се случува во Македонија, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој со раководството на ТАВ Македонија присуствуваше на свеченоста на аеродромот за испраќање на тримилионитиот патник.

Николоски  оцени дека Меѓународниот аеродром Скопје станува центар за регионот.






– Драго ми е што ова прекрасно семејство што денеска патува до Бари ја имаше среќата да биде три милиониот патник на Скопскиот аеродром. Ако споредиме со нешто што се случуваше пред 10, 20 и 30 години ова било незамисливо, Скопскиот аеродром веќе станува центар за целиот регион – рече Николоски на прес-конференција.

Тој рече и дека од септември  лани досега има 21 нова дестинација до Скопскиот и  до Охридскиот аеродром.

– Тоа многу говори за нашата посветеност и ова се најмногу нови дестинации што ги вовела која било држава во регионот. Затоа не се случајни  бројките и не случајно Скопскиот аеродром ќе заврши со 3,2 милиони патници, а Охридскиот со над 300.000  и ќе имаме над 3,5 милиони патници до крајот на годинава – рече Николоски.

Годинава, дополни,  имаме континуиран раст, кој во ноември достигна 25% споредено со ноември лани, што значи дека за една четвртина е зголемен бројот на патници што патуваат од македонските аеродроми.

Овие резултати, посочи министерот, се проследени и со зголемување на бројот на туристите,  развој на бизнисот.

Николоски најави дека од 6 април следната година стартуваат авиолиниите  Скопје-Наполи и Скопје-Будимшпешта, а од 28 јуни  Охрид-Катовице, Охрид-Вроцлав,  Охрид-Милано, а ќе стартува и редовната линија Охрид-Виена на Аустријан ерлајнс.

Со сите нови линии и активности Николоски рече дека се надева оти следната година во овој период ќе има 3,5 милиони патници на Скопскиот аеродром.

Поврзани содржини