КРАЈ ЗА РАБОТАТА НА ЦРНО ОД 1 ЈАНУАРИ Студентите и пензионерите се вклучуваат во пазарот на труд
Новиот закон овозможува легално краткорочно ангажирање во земјоделството, угостителството и услужните дејности, со пријавување преку мобилна апликација.
Од 1 јануари 2026 година стапува во сила новиот Закон за работно ангажирање лица, кој за првпат ја регулира областа на сезонската работа во Македонија и директно цели кон намалување на сивата економија. Законот го најави заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, кој посочи дека со него ќе се овозможи легално, флексибилно и безбедно ангажирање на различни категории граѓани.
Според Ристески, законот е револуционерен бидејќи првпат овозможува студенти, пензионери, невработени и самовработени лица да работат дополнително, а притоа да не ги загубат постојните бенефиции.
– Законот за работно ангажирање лица или, популарно речено, за сезонски вработувања ќе почне да се применува од први јануари 2026 година. Овој закон е револуционерен и за првпат се носи во нашата држава. Со него се овозможува работно ангажирање на невработени, вработени лица, студенти и пензионери. Тие нема да ги загубат бенефитите: пензионерите – пензионерскиот статус, студентите – студентскиот, а невработените – социјалните бенефити – истакна Ристески.
Новата регулатива ги опфаќа трите најдинамични области: угостителството, земјоделството и услужните дејности, кои традиционално имаат најголема потреба од сезонска работна сила.
Една од најзначајните новини е воведувањето мобилна апликација преку која работодавците ќе можат веднаш да ги пријават или одјават лицата што ги ангажираат.
– Со Законот ќе се интензивира борбата со неформалната економија, односно работата „на црно“. Мобилната апликација ќе овозможи моментална пријава и одјава и ќе обезбеди дополнителни приноси за лицата кои сакаат да бидат ангажирани за подобрување на својата економска состојба – додаде заменик-министерот.
Според законските одредби, лицата ќе може да бидат работно ангажирани од 120 до 180 дена годишно, зависно од дејноста, или максимум 15 дена месечно.