ЕВН ХОУМ МОЖЕ ДА ЈА ПРЕСМЕТА ЦЕНАТА НА СТРУЈАТА ЗА СЛЕДНАТА ГОДИНА Регулаторна ja објави висината на надоместоците за преносот и за дистрибуцијата

Вкупно во делот каде што има влијание РКЕ на цената на електричната енергија има намалување од 37% врз крајната цена.

48

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за 3,64% го намали надоместокот за дистрибуција на електрична енергија, односно за користење на електродистрибутивниот систем на Електродистрибуција од 1 јануари 2026 година. За истиот период за 2,63% е намален надоместокот за пренос на електрична енергија, односно за користење на преносниот систем од МЕПСО, а за 3,4% е намалена цената на операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО.

Со одлуката што е донесена денеска, како што информира претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, влијанието на крајната цена на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар во просек ќе биде од 1 до 1,2%. Влијанието, пак, на крајната цена за пренос на електрична енерија е 4%, за дистрибуција на електрична енергија е 33%, а влијанието на операторот за пазар на електрична енергија е 0,19%.






Со тоа вкупно во делот каде што има влијание РКЕ на цената на електричната енергија има намалување од 37% врз крајната цена.

– Овие одлуки обезбедуваат компаниите да си ги покријат своите трошоци, да ги реализираат одобрените инвестиции и да си ги покријат трошоците за набавка на загуби на електрична енергија во соодветната мрежа. При носењето на овие одлуки за пренос на електрична енергија преку факторот за корекција одземени се 7,1 милион евра кои компанијата ги остварила во 2024 година повеќе од тоа што било одобрено од РКЕ, а во Електродистрибуција одземени се 16,3 милиони евра – рече Бислимоски.

Намалувањата што ги донесе РКЕ ќе бидат пресметани при определувањето на цената на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за домаќинствата и за малите потрошувачи.

Бислимоски очекува во текот на наредната недела ЕВН Хоум да достави пресметки до РКЕ, кои РКЕ ќе треба да ги провери дали е имплементирана тарифниот систем и врз основа на тоа ЕВН Хоум да донесе одлука за цената на електричната енергија од 1 јануари 2026 година на регулираниот пазар.

-Со денешната одлука на РКЕ, сите елементи кои ја сочинуваат крајната цена се познати: цена и количина по која е набавена електричната енергија, услугите на мрежните оператори, затворени се и набавките за загуби. Сега останува универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, под наш надзор да направи пресметка и да се објават финалните цени по блокови. Делот што РКЕ го регулира во крајната цена има влијание од околу 36% – потенцира Бислимоски.

Тој додаде дека не може да каже колкава ќе биде крајната цена на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите по 1 јануари, бидејќи треба да се направат пресметките од ЕВН Хоум во делот на снабдувањето и додаде дека покрај количините на електрична енергија кои универзалниот снабдувач ги обезбедува од ЕСМ според Законот за енергетика треба да откупи и соодветен процент и од повластените производители на електрична  енергија кои вообичаено на годишно ниво се од 250 до 260 милиони киловат часови. За тоа, посочи, само ЕВН Хоум ги има податоците. Плус треба да се примени маржата на сите пресметковни елементи.

-Во моментот кога ЕВН Хоум ќе ги достави пресметки ќе дадеме точни и прецизни информации, а сега не би сакале да шпекулираме, бидејќи има фактори на кои ние не им ги знаеме цените, особено во делот на повластените производители -рече Бислимоски.

ЕСМ на годишниот тендер на ЕВН за снабдување со струја понуди цена од 65 евра, а оваа цена зафаќа најголем дел во формирањето на крајната цена на струјата за домаќинствата и малите бизниси.

Прашан дали од 1 јануари ќе има зголемување на периодот на евтина тарифа на струја во текот на денот, рече дека може, но ќе треба од 22 часот да се помести во 00 часот почетокот на евтината тарифа во текот на ноќта.

-Нашите анализи се завршени и се покажува дека може да се воведе евтина тарифа во текот на денот кога се и најниски цените на електричната енергија на пазарот, но по 22 часот има екстремно високи цени. Затоа доколку нешто се воведе во текот на денот евтината тарифа во текот на ноќта не би започнувала во 22 часот, туку во 00 часот. Станува збор за навики кај домаќинствата што се стекнати со години поради што во наредниот период ќе видиме што ќе преземеме по ова прашање – рече Бислимоски.

Поврзани содржини