НЕ МОЖЕ СУДИЈКА ДА НОСИ ХИЏАБ ВО СУДНИЦА Пресуда на судот во Дармштат, Германија

Судот во образложението наведува дека носењето облека со верски обележја во директен контакт со граѓаните го прекршува начелото на државна верска неутралност.

0

Управниот суд во Дармштат ја одби тужбата на една правничка која не била примена во судиска служба во германската сојузна покраина Хесен бидејќи одбила да го отстрани хиџабот (шамија за покривање на косата) додека работи во судницата.

Како што соопшти судот, кандидатката јасно навела дека како судијка не би била подготвена да ја тргне шамијата ниту за време на усните расправи, пишува Дојче Веле (ДВ).






Министерството за правда на Хесен ја одбило нејзината пријава со образложение дека носењето облека со верски обележја во директен контакт со граѓаните го прекршува начелото на државна верска неутралност.

Управниот суд ја прифатил оваа аргументација и истакна дека обврската за неутралност е особено важна во судницата и дека во овој случај има поголема тежина од правото на тужителката на верска слобода. Судот притоа нагласил дека ограничувањето се однесува само на отстранување на шамијата за време на водењето на постапката, а не на нејзина општа забрана.

Против пресудата сè уште може да се поднесе жалба. Правничката смета дека како муслиманка е должна да ја покрива косата во јавност.

ДВ потсетува и на претходната одлука на Сојузниот уставен суд од 2017 година, со која била потврдена законитоста на одредбата дека правните практикантки во Хесен не смеат да носат шамија за време на судските расправи. Тогаш било објаснето дека секој учесник во постапката има право пред судот да не биде соочен со верски или светогледни убедувања.

Германија, за разлика од Франција, нема унифицирано правило за носење хиџаб во јавните служби. Во Баден-Виртемберг на наставничките им е забрането да носат хиџаб, но судовите поништиле дел од таа забрана. Во Хамбург, во училиштата е забрането целосно покривање на лицето со никаб или бурка, а припадничките на вооружените сили исто така не смеат да го покриваат лицето за време на служба.

Поврзани содржини