Што еден будала ќе расипе…
Најопасното оружје со речиси „нуклеарен“ потенцијал што таа власт успеа да го стави во рацете на онаа бирократска булумента во Брисел сега нѐ прогонува и ни се заканува во секој извештај, во секое спомнување на земјава во нивните званични белешки или во кулоарите помеѓу кроењето на воените планови.
Кога би имало еден, барем еден морален лик меѓу оние кои глумеа раководство на сдсм (малите букви се…) во периодот 2017-2024 година, а сега, повторно за големи пари, седат во Парламентот, тој/таа, ако веќе не сите, би станал(а) и, прво, би се извинил за сѐ она што успеаjа да разнебитат во тие седум години, и второ, би признал дека сето ова што ѝ се случува на земјава е во голема – или најголема – мера резултат на нивното неуко, неспособно и во основа неписмено дивеење низ политиките на државава. А коишто сега ни се удираат одглава на сите, ни криви ни должни. И не е тоа само царството на криминалот и корупцијата што го воведоа наместо систем во земјава, не е само катастрофалното загадување со коешто стасавме до првите места на црните топ-листи во светот, ниту пак е единствено ова и вакво судство и обвинителство за коешто сега обвинуваат други и повторно, по којзнае кој пат, им даваат материјал на оние во Брисел да ни удираат шамари.
Спомнативе нешта се само меѓу оние случајни први што доаѓаат наум, но не се и најтешките, најголемите. Да беа само тие можеби и ќе имавме шанса…
Најопасното оружје со речиси „нуклеарен“ потенцијал што таа власт успеа да го стави во рацете на онаа бирократска булумента во Брисел сега нѐ прогонува и ни се заканува во секој извештај, во секое спомнување на земјава во нивните званични белешки или во кулоарите помеѓу кроењето на воените планови: Европскиот совет „забележува дека Северна Македонија сè уште не ги завршила уставните измени што ги презела. Советот ја потврдува својата подготвеност да свика нова меѓувладина конференција, без понатамошни одложувања или нови политички одлуки, кога Северна Македонија ќе ја исполни оваа обврска, во согласност со своите внатрешни процедури“. И, се разбира, сето тоа филувано со „добрососедското“ дополнување од Исток дека Бугарија не изразува кон нас никаков друг став освен ставот на Европскиот совет – да ги вклучиме промените во Уставот и да ги земеме предвид (каков еуфемизам!) сите одредби предвидени во протоколот, кои се дел од компромисниот предлог од 2022 година.