СЕ ГРАДИ НОВА ДЕТСКА ГРАДИНКА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ Ќе може да згрижи 102 деца
Со отворањето на оваа градинка, како што потенцираа надлежните, се очекува да се создадат нови 102 места за деца, што директно влијае на намалување на листите на чекање.
Нова детска градинка почнува да се гради во населбата Дексион, општина Ѓорче Петров. Како што појаснија надлежните, предвидено е да се состои од приземје плус еден кат. Вкупната бруто површина на објектот изнесува 1.030 квадратни метри. Капацитетот е 6 групи на деца во различни возрасни категории. Рокот за завршување е 2 години од денот на воведување во работа.
Инвеститор е Општина Ѓорче Петров, изведувач „Вардарградба“ – ДОО, село Трубарево – Скопје, а надзор – „Диви Македонија“ – ДОО -Скопје. Вредноста изнесува 81.964.479 денари (1,3 милиони евра) – со ДДВ.
На официјалното започнување на градбата на градинката присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и пратеникот Бојан Стојаноски.

-Неколку градинки одеднаш се градат овде и убеден сум дека за многу кусо време од денеска, листата на чекање веќе нема да биде листа на чекање, туку секое дете коешто ќе сака да оди во градинка, односно ќе има потреба од сместувачки капацитет, ќе го има истиот – подвлече Мицкоски, додавајќи дека тоа е во насока на просемејните политики на оваа Влада.
Со отворањето на оваа градинка, како што потенцираа надлежните, се очекува да се создадат нови 102 места за деца, што директно влијае на намалување на листите на чекање, да се подобри квалитетот на услугите за ран детски развој, да се отвори можност за вработување на повеќе воспитувачи, негуватели и стручни лица, да се подобрат условите за работа на постојните градинки преку растоварување на капацитетите, да се зголеми достапноста на предучилишните услуги за младите семејства во Дексион и околните населби.