ПО 50.000 ЕВРА КАЗНА ЗА КАРТЕЛСКО ЗДРУЖУВАЊЕ ЗА 4 ТРГОВСКИ ДРУШТВА Координаторот на незаконското однесување казнет со 18.500 евра
Според Комисијата за заштита од конкуренција, глобите за трговците и за Сојузот на стопански комори треба да превенираат идни нарушувања на пазарот и заштита на потрошувачите и пазарната конкуренција.
По 50. 000 евра казна ќе платат 4 трговски друштва со прехранбени производи, поради картелско здружување, а Сојузот на стопански комори кој ги координирал во тоа ќе плати казна од 18.585 евра.
Вакво решение донесе Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), која соопшти дека казнетите трговци и Сојузот на стопански комори го прекршиле Законот за заштита на конкуренцијата.
„Во постапката е утврдено дека на состанок одржан на 5 февруари 2025 година учесниците постигнале усогласен став за неприфаќање нови или зголемени ценовници од добавувачите, со што ја замениле состојбата на независно пазарно однесување со состојба на практична координација. Овој вид на однесување по својата природа претставува т.н. „by object“ ограничување на конкуренцијата, кое е забрането без потреба од дополнително докажување на пазарни ефекти“, соопшти КЗК.
Глобата од 3.075.000 денари (50.000 евра) за секое од трговските друштва и од 1.143.000 денари (18.585 евра) за Сојузот на стопански комори, велат од КЗК, треба да превенираат идни нарушувања на пазарот и заштита на потрошувачите и пазарната конкуренција.