ЗАВРШУВАЊЕТО НА ВОЈНАТА БАРА ТЕШКИ ОДЛУКИ Порака за Киев од американскиот државен секретар Марко Рубио
Марко Рубио оценува дека и Украина и Русија мора да прифатат „тешки, но неопходни компромиси“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека завршувањето на војната во Украина бара и Русија и Украина да се согласат на „тешки, но неопходни отстапки“.
– Окончувањето на еден сложен и смртоносен конфликт како овој во Украина бара широка размена на сериозни и реалистични идеи. Затоа, ние развиваме и ќе продолжиме да развиваме листа на потенцијални предлог-решенија за завршување на војната, врз основа на придонесите на двете страни во овој конфликт – напиша Рубио на мрежата Х.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, оваа недела го одобри планот во 28 точки за постигнување мир меѓу Русија и Украина. Според извори, документот предвидува Украина да ги отстапи преостанатите делови од Донбас, да го преполови бројот на своите вооружени сили и да се откаже од клучните категории на вооружување.
Исто така, се предвидува намалување на американската воена помош, забрана за распоредување трупи од која било страна на украинска територија и целосно укинување на испораките на западно оружје со долг дострел.
Планот вклучува и признавање на рускиот јазик како официјален, како и формален статус за локалната гранка на Руската православна црква.