ДАЛИ ЗА ПРАТКИТЕ ОД ТЕМУ ЌЕ ПЛАЌАМЕ ПОВЕЌЕ? Еве што се менува, а што останува исто по новиот закон за ДДВ

Граѓаните нема да плаќаат ништо дополнително за пратките од странство. Министерството уверува дека системот останува ист, а измените ќе спречат злоупотреби и ќе ја зајакнат економијата.

1,632

Граѓаните нема да плаќаат ништо дополнително при подигнување на пратките од странство, вклучително и оние порачани преку платформата ТЕМУ, и по измените на Законот за ДДВ – уверуваат од Министерството за финансии. Од таму смируваат дека нема место за паника, бидејќи системот на прием и царинење останува ист.

„И по измените, ДДВ и понатаму останува пресметан во цената на производот. Граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци, ниту каква било нова обврска при приемот на пратките“, информираат од Министерството за финансии.






Според објаснувањето, платформите како ТЕМУ и досега го пресметувале данокот во финалната цена, а уплатата кон државата ја вршел овластениот шпедитер или поштенскиот оператор.

„Тој систем останува непроменет. Единствено се укинува старото правило за пратки до 22 евра, кое создаваше простор за злоупотреби“, соопштуваат од Министерството.

Со усвоените измени, Собранието го укина ослободувањето од ДДВ за пратки до 22 евра. Од Министерството уверуваат дека мерката ќе донесе поголема контрола на увозот и ќе ја намали сивата економија.

„Голем дел од стоките влегуваа во земјата без ДДВ, а потоа се продаваа на домашниот пазар. Новиот модел го спречува тоа и создава фер услови за локалните компании што инвестираат и вработуваат“, додаваат од Министерството.

Оттаму порачаа и дека законските измени се дел од поширока стратегија за зајакнување на домашната економија во услови на растечка онлајн трговија.

Поврзани содржини