НЕ СЕ ПЛАНИРА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА СТАЖОТ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ Можно е доброволно продолжување на стажот за одделни сектори
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се прават анализи на пензискиот систем и како да се реши состојбата на голем трансфер на пари од буџетот кон пензискиот фонд, додека дојдат првите приливи на пари од вториот столб.
Не се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање, потврди вечерва премиерот Христијан Мицкоски, додавајќи дека има можност во некои сектори за доброволно продолжување на работниот стаж, како во високото образование на пример. Мицкоски рече дека се прават анализи за реформи во неколку сектори.
Мицкоски вели дека се прават анализи на пензискиот систем и како да се реши состојбата на голем трансфер на пари од буџетот кон пензискиот фонд, додека дојдат првите приливи на пари од вториот столб.
– Анализираме неколку модели, во неколку делови од општеството – здравствениот, социјалата, апсолутно како дел од социјалата би го анализирале и пензискиот систем затоа што првите приноси кои што ќе значат помали трансфери во буџетот ќе дојдат за некои 7 до 8 години од денес, можеби и повеќе 2032, 2033… И тоа претставува сериозен трансфер би рекол од страна на централниот буџет. Но никоја реформа нема да биде на товар на граѓаните туку напротив во насока да го оптимизира и да ги елиминира сите оние злоупотреби – рече Мицкоски.
Тој рече дека ќе се елиминираат и случаите на изигрување на законот при примање на социјална помош.
– Да речеме во делот на гарантирана минимална помош имаме лоцирано случаи каде што, за жал, поедини лица или се надвор од државата или се починати добивале трансфери по три основи – туѓа нега, гарантирана минимална помош итн, што е спротивно и на закон и на процедури – рече Мицкоски во интервјуто на „Топ тема“ на телевизија Телма.
Цениме, додаде тој, дека со намалување на сивата економија и на злоупотребите преку дигитализација ќе успееме да дојдеме до огромни заштеди кон овие сектори.
– Мислиме дека во добра насока сме. Не сум многу среќен што историски е највисок буџетот во здравството, над 1 милијарда евра – рече Мицкоски.
Тој ги охрабрува граѓаните да пријавуваат корупција најавувајќи дека за таа цел ќе бидат отворени и телефонски линии.
-Немаме друг начин да се бориме, затоа што тие се „пожилави“ отколку органите на прогонот и секогаш наоѓаат поинаков начин. Затоа замолувам сите граѓани кои се жртва на вакво однесување да пријават. Нема поголема ахилова пета и поостар камен во чевелот за еден народ, за една нација, од ваква пандемиска корупција. Посебно на тоа ниво – луѓето кои по вокација треба да бидат солидарни и хумани – рече Мицкоски.
Во делот на минималната плата, рече дека ставот на Владата е јасен.
– Доколку во рамките на Економско социјалниот совет, дијалогот кој што го водат работодавачите и работниците постигнат консензус ние тоа мораме да го почитуваме. Немаме тука избор.