ТРИПУНОВСКИ НЕМА ДА ДАДЕ ОСТАВКА ЗА СЛУЧАЈОТ СТОИЛЕВ Министерот не чувствува одговорност за случувањата во агенција која одговара пред влада

Министерот за земјоделство тврди дека одговорност во моментот треба да даде тој што е фатен на дело за злоупотреба и прекршување на законите.

215

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски не чувствува одговорност и нема да поднесам оставка, по аферата со директорот на Платежната агенција Илија Стоилев и запирањето на парите од ИПАРД3.

– Одговорност во моментот треба да даде тој што е фатен на дело за злоупотреба и прекршување на законите. И мислам дека таму ќе се води истрагата до крај, апелирам да биде до крај и сите коишто се евентуално инволвирани во целиот случај да одговараат. Само на тој начин ќе стопираме негативни тенденции, прекршување на закони и девијантни однесувања -изјави Трипуновски за Канал 5 телевизија.






Тој додаде дека бара вакви случаи да се санкционираат.

– Јас како ресорен министер ќе продолжам да се борам и ваквите случаи да се санкционираат во целост, само на тој начин ќе можеме да градиме она што постојано го велам, доверба во институциите, што во минатото го немаше- рече тој.

Трипуновски рече и дека владата спроведува неселективна борба против криминалот, укажувајќи дека без разлика на политичката припадност секој кој направи злоупотреба мора соодветно да одговара.

– Со овој случај гледате дека како сериозна Влада без разлика на партиска припадност, дали е некој сегашен или поранешен функционер, се бориме беспрекорно. Тоа е сериозен пристап на сериозна Влада, што во минатото не беше така – рече тој.

Трипуновски апелираше секој граѓанин којшто можеби има за некој друг случај одредени сознанија да алармира, за како што рече тој веднаш да се постапи и санкционира.

Трипуновски посочи дека тука станува збор за девијантно однесување на еден од вработените, а не за системот.

Тој додаде дека Агенцијата е поделена на две структури, едниот дел е за национални плаќања, односно субвенции, а другиот дел се однесува на реализација на ИПАРД средствата. Вториот дел во моментов е под национална ревизија.

Трипуновски рече дека нема потреба кај загриженост кај земјоделците, бидејќи се врши контрола само на 50-тина договори, а не 450 како што лиферува опозицијата.

– Исплатите за субвенциите ќе продолжат тековно, земјоделците не треба да се грижат- рече Трипуновски.

Во однос на прашањето дали постои опасност од дополнително пролонгирање на роковите, доколку ОЛАФ се вклучи во истрагата, Трипуновски информираше:

– Дали ќе дојде ОЛАФ не знам, меѓутоа она што е наша обврска и ние ќе направиме се е да провериме и да испратиме сумиран извештај до Брисел што е констатирано при истрагата, и мислам дека веднаш потоа ќе продолжиме понатаму со едно тековно работење – рече Трипуовски.

Тој ги отфрли обвинувањата на опозицијата, која како што рече, се обидува да го инволвира во овој случај.

– Платежната агенција е посебно тело коешто одговара пред Владата. Значи тука елиминирам секаква поврзаност на Платежната агенција со Министерството. Вие знаете дека Платежната агенција работи согласно акредитирани мерки, согласно насоките од Брисел, согласно процедури, управувани од директор со свој менаџерски тим. Така да сите процеси коишто се внатре во Платежната агенција се водени од самата агенција и тука бледи се нападите на опозицијата да го врзат министерството со Платежната агенција. Така што, тоа што го прават е повеќе за политички поени и видливост во јавноста -рече Трипуновски.

Поврзани содржини