50 ЕВРА КАЗНА ЗА ФРЛАЊЕ ЃУБРЕ ПО 22 ЧАСОТ Скопјани не смеат да изнесуваат смет навечер

Од 22 до 6 часот ќе важи целосна забрана за изнесување смет, а прекршителите ќе плаќаат 50 евра. Градот верува дека мерката ќе ја намали нечистотијата околу контејнерите.

2,530

Советот на Град Скопје денеска ја усвои одлуката со која се воведува ноќна забрана за фрлање смет во контејнерите. Од 22 до 6 часот граѓаните повеќе нема да смеат да изнесуваат отпад, а прекршителите ќе плаќаат казна од 50 евра.

Од градските власти велат дека оваа мерка ќе помогне контејнерите да се празнат поефикасно и ќе спречи создавање нови депонии, особено во квартовите каде отпадот често се натрупува околу корпите.






Претседателот на Советот, Даме Димитровски, објасни дека мерката се носи по примерите од големи светски метрополи.

– Ваквата практика јас сум ја сретнал во Истанбул и беше ограничена на 15 минути пред 5 часот кога смеете да фрлите ѓубре. Во Токио, исто така, има точно определено време за секој камион и вид отпад. Се надевам дека оваа практика ќе биде уште подобра кога ќе бидат воведени и различни корпи за селекција – изјави Димитровски.

Градот најавува дека воведувањето селективни корпи ќе биде следната фаза од реформите во управувањето со отпадот.

Поврзани содржини