СРЕЌА ШТО СДСМ НИ ГИ ДОНЕСЕ ФЕЈСБУК, ГУГЛ, ФОРМУЛА 1… Од ВМРО-ДПМНЕ се подбиваат со „успесите“ од владеењето на Заев и Филипче
Од ВМРО-ДПМНЕ му порачуваат на Филипче дека ако навистина им мисли добро на партијата и на државата, ќе даде оставка и ќе одговара за сѐ што направил во минатото за што, како што велат, го штитат пулените на неговиот ментор Заев во судството.
Среќа е што Венко Филипче и СДСМ изминатите 7 години ја водеа државата и како на економски план, така и на здравствен план, образовен план, инфраструктурен план и на сите останати полиња бележеа навистина големи успеси, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата од Филипче за економско цунами во земјата.
„Секако, да не ги заборавиме и ветените инвестиции од Фејсбук, Гугл и стазата на Ф1 со кои ние како држава навистина добивме големи економски приходи. Шегата на страна, срамно е Филипче кој не може партијата да си ја консолидира, секој ден нивни членови и поддржувачи бегаат и се дистанцираат од него и СДСМ како во времето на ковид кризата, сега да говори за некакви политики или пак штитење на криминал и корупција“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму му порачуваат на Филипче дека ако навистина им мисли добро на партијата и на државата, ќе даде оставка и ќе одговара за сѐ што направил во минатото за што, како што велат, го штитат пулените на неговиот ментор Заев во судството.
„Во време на СДСМ среќни бевме што не банкротиравме, поради кражбите на Филипче, Заев и ним блиските лица. Филипче следен пат кога ќе излезе на прес-конференција нека размисли два пати. Секое негово излегување во јавноста е срам за обичниот граѓанин. Затоа, граѓаните на последните избори го кажаа своето. СДСМ под итно да се реформира, а Филипче да стане историја на политичката сцена“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на СДСМ на денешната прес-конференција, рече дека се случува економско цунами, странски инвестиции си заминуваат, и дека за околу 30% ќе биде намален бројот на вработени во зоните со странски инвестиции.