СКОПЈЕ ЌЕ БИДЕ УКРАСЕНО КАКО ЕВРОПСКА МЕТРОПОЛА Ѓорѓиевски откри детали за новогодишната прослава во главниот град
Орце Ѓорѓиевски најави новогодишно китење и голема прослава во Скопје, а во исто време потврди дека од градските претпријатија се отстранети 500 фиктивни вработени.
Скопје ќе добие новогодишна прослава каква што му доликува – градот ќе биде украсен, а граѓаните ќе имаат вистински пречек на Новата година.
Ова го најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостувањето на Македонската радио-телевизија.
– Во програмата првично не беа предвидени средства за предновогодишно украсување, но со ребалансот на буџетот во петок ќе обезбедиме средства за китење на главниот град и за организација на прославата. Конечно, Скопје ќе изгледа онака како што заслужуваат неговите граѓани – изјави Ѓорѓиевски.
Тој потенцираше дека оваа година Скопје ќе добие празничен сјај достоен за секоја европска метропола, со што ќе се врати духот на заедништво и позитивна енергија пред новогодишните празници.
Во врска со повикот на јавниот обвинител Љупчо Коцевски до граѓаните да пријават евентуални злоупотреби во Град Скопје, Ѓорѓиевски потврди дека градската администрација веќе имала средба со Финансиската полиција.
– Стојам зад сите факти што ги изнесов во јавноста. Околу 500 лица беа отстранети од списоците на вработени во јавните градски претпријатија, бидејќи земале плата, а не доаѓале на работа – нагласи тој.
Според Ѓорѓиевски, овие лица не биле дел од реалното функционирање на претпријатијата, туку служеле за злоупотреба на системот.
– Сакам да има и командна одговорност, не само за оние кои земале плата, а не работеле, туку и за тие кои ги потпишувале списоците и ги одобрувале тие злоупотреби – додаде градоначалникот.
Ѓорѓиевски истакна дека градската управа ќе продолжи со целосна ревизија на состојбите во сите јавни претпријатија за да се воспостави ред, отчетност и дисциплина.