ЗАЛУЖНИ ЈА НАРЕДИЛ САБОТАЖАТА НА ГАСОВОДОТ Германската полиција го поврзува со експлозијата на „Северен тек“

Германците идентификувале украински нуркач со софтвер за препознавање лица. Истражителите тврдат дека украински аташе помогнал во бегството.

558

Германските истражители веруваат дека зад експлозиите на гасоводите „Северен тек 1 и 2“ стои група Украинци кои делувале под директна наредба на тогашниот врховен командант на вооружените сили на Украина, генерал Валериј Залужни, објави Волстрит џурнал, повикувајќи се на полициски и обвинителски извори во Германија.

Според истражителите, се оформува „јасна слика“ за тоа како елитна украинска воена единица ги извршила нападите што во септември 2022 година го потресоа енергетскиот систем на Европа. Целта на акцијата, велат изворите, била да се намалат приходите на Русија од гас и нафта и да се прекинат економските врски меѓу Москва и Берлин.






Истражителите од Потсдам, следејќи траги поврзани со чартер-компании, телефонски броеви и регистарски таблички, собрале доволно докази за да издадат налози за апсење на тројца војници на специјалните сили и четворица нуркачи.

Клучен доказ, според извештајот, е црно-бела фотографија од германска сообраќајна камера на која е прикажано лицето на еден од нуркачите. Со користење на софтвер за препознавање лица, полицијата за неколку минути го идентификувала осомничениот и ги пронашла неговите профили на социјалните мрежи, што довело и до другите членови на групата.

Еден од нуркачите бил следен до Полска, од каде што, според податоците на германската полиција, бил транспортиран назад во Украина со црно БМВ со дипломатски таблички, управувано од украинскиот воен аташе во Варшава.

По повеќемесечна потрага, командантот на диверзантската единица бил пронајден во Италија. Истражителите првично имале само фотографија од насмеан маж на пасош, кој се покажал како вистински украински документ издаден на туѓо име — практика што, според полицијата, е честа кај тајните украински операции.

Благодарение на податоци добиени од граничната полиција на „пријателска земја“, германските истражители успеале да го идентификуваат осомничениот како 46-годишниот Сергеј К., ветеран од украинската Служба за безбедност (СБУ). Тој, според документите, командувал со противвоздушна единица за време на битката за Киев.

Судот во Болоња кон крајот на октомври ја одобри екстрадицијата на Сергеј Кузнецов во Германија, но неговата одбрана поднесе жалба до Врховниот суд, кој треба да одлучи до декември. Во меѓувреме, Кузнецов започна штрајк со глад, а украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец пријави дека неговата здравствена состојба се влошила.

Германската полиција веќе подготви специјален авион за негов транспорт до Хамбург, каде што треба да се одржи судењето.

Поврзани содржини