ЃОРЃИЕВСКИ ЌЕ ВОВЕДЕ РЕД ВО СКОПЈЕ Казни ќе има сè додека не се искоренат девијантните појави
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека е решен да воведе ред во главниот град, најавувајќи казни и конкретни мерки за подобрување на јавната хигиена и инфраструктурата.
Решен сум да воведам ред, а тоа подразбира и да се изрекуваат казни. Над 40 казни имаме досега и ќе продолжиме сè додека не ги изолираме целосно овие девијантни појави, изјави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по спроведената 72-часовна акција за чистење на главниот град.
Ѓорѓиевски соопшти дека затекнал само 16 функционални камиони на ЈП „Комунална хигиена“, бидејќи Градот должел за нивно сервисирање. Како што изјави за ТВ Сител, сервисерите излегле во пресрет и сега има над 40 оперативни машини кои работат на терен, а во наредните денови се очекува бројот да се зголеми на 60, со што претпријатието би било целосно оперативно. Со премиерот, додаде тој, веќе е разговарано и за обезбедување нова механизација.
– Граѓаните цело време плаќале, но не ги добивале услугите. Без разлика од кого е предизвикан проблемот, моја должност е да најдам решение. Така ја доживувам довербата што ја добив од граѓаните – истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот најави и дека во соработка со општествено одговорни компании ќе бидат поставени мрежи по течението на Вардар за заштита на речното корито. Такви решенија, рече, има и во други европски центри и не му пречат на живиот свет. Дополнително, укажа дека и централните институции, како Министерството за животна средина и просторно планирање, треба да се вклучат во санкционирањето, бидејќи не е доволно да постапува само Град Скопје.
Градежни активности ќе се изведуваат по зимата, а до тогаш приоритет ќе бидат уредувањето на парковите и чистењето на дивите депонии.
– Вардариште се расчистува, во фаза е процесот на одгасување. Девијантните појави од минатото конечно ќе бидат оставени зад нас и никој повеќе нема да биде сведок на тие слики. Народот во нашиот главен град нема да се труе како што тоа беше случај со децении – рече Ѓорѓиевски.
Ист третман ќе имаат и депониите во Визбегово, Шуто Оризари, покрај Лепенец и други локации.
Во однос на загадувањето на воздухот, Ѓорѓиевски изјави дека тоа е комплексен проблем кој зависи од сите граѓани. Најави проширување на мрежата на топлификација и консултации со експерти за третман и преработка на отпадот во Дрисла, која ја оцени како едно од главните жаришта на загадување.
Ѓорѓиевски потврди дека стои на ставот ЈП „Комунална хигиена“ да биде расформирана и поделенa под надлежност на скопските општини според бројот на жители, но за тоа, рече, сè уште нема услови.
– Не сме подготвени за тоа, затоа што претпријатието има премала механизација и би се создал дополнителен хаос. Но, идејата не ја отфрлам, ќе ја реализираме откако ќе се зајакнат капацитетите. Ќе изградиме јаки и самоодржливи јавни претпријатија во служба на граѓаните – нагласи тој.
Градоначалникот посочи дека одлука за вклучување на 200 автобуси од приватните превозници постоела и претходно, но никој не ја потпишал. Според него, на терен возеле само 40 до 50 автобуси, што довело до намален капацитет на јавниот превоз.
– Возниот парк на ЈСП е десеткуван, во моментов возат 160 автобуси, а потребни се најмалку 270 за нормално функционирање и без доцнења – објасни тој.
Долгот на ЈСП кон приватните превозници изнесува околу 3 милиони евра, а се работи на обезбедување на средствата и на договор за исплата.
Ѓорѓиевски најави и обнова на возниот парк во март во Скопје треба да пристигнат 80 еколошки автобуси преку Владата и Министерството за транспорт, а уште 70 ќе бидат распределени низ другите градови во Македонија.
Во петок, Град Скопје ќе одржи седница за буџетот. Ѓорѓиевски очекува реализација на сите планирани проекти, нагласувајќи дека има апсолутно мнозинство во Советот.
– Советниците во мене не треба да гледаат непријател, ниту јас гледам во нив непријател. Соработката е клучна за да имаме што повеќе проекти за граѓаните – изјави градоначалникот.