ЕУ ТРЕБА ДА КАЖЕ ЈАСНО И ГЛАСНО ДЕКА ВО МАКЕДОНИЈА ИМА НАПРЕДОК Европратеничката Јовева вели дека не е фер да нѐ ставаат во ист кош со Србија и со Босна

1,482

Мислам дека не е фер Северна Македонија да се става во ист кош со Србија и со Босна и Херцеговина, кога станува збор за напредокот на европскиот пат, изјави за МИА словенечката европратеничка Ирена Јовева.

– Морам да кажам дека Црна Гора и Албанија, а посебно Црна Гора, реално или најреално навистина е најнапред од регионот во однос на реформите и напредокот. Иако не би сакала да испадне дека ја критикувам еврокомесарката Марта Кос или Комисијата, но мислам дека малку не е фер да испадне дека сме, ако така смеам да кажам, во истиот кош со Србија, па и со Босна и Херцеговина. Мислам дека таквиот наратив не во ред и не е фер, пред сѐ, од страна на Европската комисија и треба јасно и гласно да се каже дека Северна Македонија има напредок. Мислам дека земјата напредува и дека е на добар пат во процесот на пристапување кон Европската Унија – вели Јовева, која има македонско потекло.






Јовева, кој е дел од либералната група „Да ја обновиме Европа“, нагласува дека македонската држава има напредок, но дека оценката е премногу генерална.

– Секако, не може да се каже дека Северна Македонија напреднала толку колку и Црна Гора, но заслужува да се каже јасно и гласно дека има напредок – потенцира Јовева.

Словенечката европратеничка смета дека не се точни оценките дека Европската Унија не сака да ја прими земјава во ЕУ и дека само ја користи Бугарија како изговор.

– Како некој што има доста добри контакти и увид во сето она што се случува, воопшто не можам да се сложам со таквите проценки. Мислам дека на нив не им е место, посебно не сега. Моментумот е тука. Тоа нема врска со сакање или не сакање, туку со реалноста, а реалноста е дека Северна Македонија има направено напредок – истакнува Јовева.

Таа додава дека спорот со Бугарија е билатерален, што е јасно кажано и од страна на Европскиот парламент во последните извештаи, како и од страна на Европската комисија.

– Како што не е фер да се става Северна Македонија во ист кош со Србија во контекст на напредокот во пристапниот процес, исто така не е фер да се користи општата ситуација во регионот за собирање евтини политички поени. Северна Македонија е држава која заслужува место во Европската Унија и мислам дека кога-тогаш ќе стигне до тоа. Само треба да продолжи со реформите – додава Јовева.

 

Поврзани содржини