📷 КРАЛСКИ ТРЕТМАН ЗА БОГОЕВСКИ НА „БЕРНАБЕУ“ Реал Мадрид никогаш не ги заборава своите херои, Македонецот лично поканет од Перез
Владимир Богоевски присуствуваше на натпреварот Реал Мадрид – Валенсија по покана од претседателот на „кралскиот клуб“, во знак на почит кон неговиот придонес за клубот.
Реал Мадрид уште еднаш покажа дека величината на клубот не се мери само со бројот на освоени трофеи, туку и со почитта што ја покажува кон своите легенди. Еден таков момент беше пречекот што шпанскиот гигант му го приреди на македонската спортска икона, Владимир Богоевски.
На покана лично од претседателот Флорентино Перез, Богоевски присуствуваше на натпреварот меѓу Реал Мадрид и Валенсија, кој од свечената ложа на „Сантијаго Бернабеу“ го проследи во друштво на Перез. Како што соопшти Македонскиот олимписки комитет (МОК), средбата поминала во пријателска атмосфера, исполнета со спомени од златните денови на спортот и разговори за идните предизвици.
Владимир Богоевски е едно од најпрепознатливите имиња на македонската одбојка. Во раните 1980-ти години, тој беше дел од одбојкарската секција на Реал Мадрид, каде што остави длабока трага и стекна огромен углед меѓу шпанските љубители на спортот.
Гестот на Перез не е само формалност, туку вистинско признание за кариерата и за човекот што достојно ја претставувал Македонија на меѓународната сцена. Денес, Богоевски е спортски директор на МОК, а оваа средба уште еднаш потврдува дека неговото име и понатаму буди почит и во највисоките спортски кругови.