ЕВРОПЕЈЦИТЕ САКААТ ВОЈНА, АМА УНГАРЦИТЕ НЕМА ДА СЕ БОРАТ! Орбан почна антивоена кампања во Унгарија
Опасноста од ширење на војната е поголема сега од кога било, да му покажеме на целиот свет дека Унгарија не сака војна, вели унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави антивоена кампања, по која ќе следат мировни митинзи низ целата земја. Орбан вели дека таа е неопходна поради воинствената политика на Европската Унија во поддршката на Украина во конфликтот со Русија.
– Опасноста од ширење на војната е поголема сега од кога било. Европејците сакаат да почнат војна. И ние сме Европејци, но не сакаме да се бориме. Унгарците нема да се борат – рече Орбан во видеообраќање до граѓаните.
Тој истакна дека, заедно со застапниците на мирот, ќе организира „низа антивоени акции“ низ цела Унгарија. Првата ќе се одржи на 15 ноември во Ѓер.
– Да му покажеме на целиот свет дека Унгарија не сака војна – рече Орбан.
Тој потсети дека на 23 октомври во Будимпешта се одржа „Маршот на мирот“ и антивоениот митинг на кој учествуваа 80.000 лица.
– Маршот на мирот беше фантастичен успех. Многумина од нас зборуваа против војната, за мир. Ви благодарам на сите што бевте таму тогаш – рече Орбан.
Премиерот беше поддржан и од министерот за надворешни работи, Петер Сијарто, кој изјави дека дефинитивно ќе се приклучи на антивоената кампања и ќе присуствува на собирот во Ѓер.