📽️ УРАГАНОТ МЕЛИСА ОСТАВА ПУСТОШ НА ЈАМАЈКА Ослабна на четврта категорија, но разорните ветрови и натаму уништуваат сè пред себе

Во најновиот извештај на НХЦ се наведува дека максималната брзина на ветрот достигнува 240 километри на час, што претставува пад во однос на 295 километри на час, измерени кога ураганот го зафати копното.

606

Американскиот центар за урагани соопшти дека Мелиса ја пустоши Јамајка со ветрови до 240 км/ч, додека властите предупредуваат на катастрофални последици и долготрајна штета.

Ураганот Мелиса, кој претходно ја погоди Јамајка како бура од петта категорија, сега ослабна на четврта, но и натаму предизвикува огромна штета, потврди Американскиот национален центар за урагани (НХЦ).






Во најновиот извештај на НХЦ се наведува дека максималната брзина на ветрот достигнува 240 километри на час, што претставува пад во однос на 295 километри на час, измерени кога ураганот го зафати копното.

– Можеби ќе бидат потребни денови или дури и недели за да се согледа вистинскиот обем на катастрофата – изјави шефот на НХЦ, Мајкл Бренан, за Си-Ен-Ен.

 

Тој нагласи дека прекинатите комуникации и урнатите патишта го отежнуваат пристапот до многу области кои се целосно изолирани.

Според Обединетите нации, Мелиса е „бура на векот“, а премиерот на Јамајка, Ендру Холнес, предупреди дека „ќе предизвика катастрофална штета“.

– Јамајка не памети ваква разорна сила. Наш приоритет сега е спасување животи и обезбедување помош за најпогодените региони – рече Холнес.

Ураганот донесе силни дождови, поплавни бранови и уништени електрични линии, оставајќи делови од островот без струја и вода.

Климатологот Мајкл Тејлор објасни дека иако Кингстон и другите урбани центри се подобро подготвени, руралните населби се соочуваат со „екстремна ранливост“.

– Инфраструктурата во неформалните населби не може да издржи ваква сила. Луѓето таму ги губат домовите буквално за неколку минути – изјави Тејлор.

 

Метеоролозите најавија дека името Мелиса веројатно ќе биде повлечено од употреба во Атлантскиот регион, поради разорното влијание и големиот број жртви и уништени домови.

Вообичаено, имињата на ураганите се повторуваат на секои шест години, но ова ќе биде исклучок.

– Се надеваме дека оваа катастрофа ќе биде последно потсетување колку климатските промени стануваат опасна реалност – порача Бренан.

Поврзани содржини