ОД ЗЕЛЕНИ ПОЕНИ ДО ПАРКИНГ И ЈАВЕН ПРЕВОЗ Лабудовиќ ја најави првата општина со Зелен буџет
Мирослав Лабудовиќ ја најави иновативната иницијатива Зелен буџет, систем што ги наградува граѓаните за рециклирање и воведува еко-образование, редарска служба и нов модел на селекција на отпад во Општина Центар.
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, ја најави една од најиновативните и најхрабри еколошки иницијативи во Македонија – воведување на Зелен буџет, посебна ставка во буџетот на општината која ќе ја наградува одговорноста на граѓаните и ќе ја претвори еколошката свест во реална вредност, информираат од ЗНАМ.
– Нашата цел е јасна, Центар ќе биде првата општина со Зелен буџет. Секој што ќе врати шише или лименка ќе добие зелени поени што ќе може да ги искористи за купување, паркинг или превоз. Создаваме систем во кој одговорноста не само што се вреднува, туку се наградува – изјави Лабудовиќ.
Со овој концепт, граѓаните што ќе ги користат ПВМ-апаратите за рециклирање ќе добиваат зелени поени што ќе може да ги заменат за практични придобивки во секојдневниот живот, купување во поголемите маркети, плаќање јавен превоз, паркинг, па дури и донации за хуманитарни цели како СОС Детско село.
Оваа мерка, веќе успешна во неколку европски градови, претставува паметен и одржлив модел што ја поврзува екологијата со економијата и секој граѓанин директно ја вклучува во процесот на промена.
– Зелениот буџет не е само ставка во финансискиот план на општината, тоа е филозофија на живеење. Тоа е доказ дека грижата за природата може да се награди, дека секој од нас може да придонесе, и дека малите навики создаваат големи резултати – додаде Лабудовиќ.
Во рамките на оваа зелена програма, Центар ќе воспостави и нов модел на селекција на отпад, преку соработка со колективни постапувачи, со што ќе се овозможи поефикасно собирање и рециклирање на пластика, електронски отпад, батерии и други материјали. Овој систем ќе ја намали количината на отпад што завршува во депонии, ќе ги намали трошоците на јавните претпријатија и ќе донесе дополнителни приходи за општината преку договори со рециклажните компании.
Посебен акцент се става и на редот и контролата во јавниот простор.
Ќе се формира новa редарска служба задолжена за надзор на парковите, контејнерите, игралиштата и јавните површини. Таа ќе има задача да спроведува редовни контроли, да изрекува казни за несовесни граѓани и да реагира навремено во случаи на нарушување на јавната хигиена. На критичните локации ќе биде поставен видеонадзор, како превентивна мерка против нелегално истурање отпад и уништување на урбаната опрема.
– Чистиот град не се гради со казни, туку со ред, навика и почит. Но мора да има одговорност, мора да има ред, и мора да се воспостави систем што ќе го чува она што сите заедно го создаваме – потенцираше Лабудовиќ.
Еден од највредните сегменти на оваа програма е образованието на најмладите.
Во сите основни училишта во Центар ќе се воведат четири задолжителни еко-часа годишно, каде учениците ќе учат за отпадот, рециклирањето, загадувањето и значењето на одговорното однесување кон природата. Овие часови ќе помогнат да се изградат нови генерации граѓани кои уште од најрана возраст ќе знаат дека чистата средина е заедничка одговорност.
– И најважно, ја градиме свеста таму каде што започнува секоја промена: кај децата. Секое дете во Центар ќе има еко-часови за отпад, рециклирање и љубов кон природата. Тоа е најдолгорочната инвестиција, создавање генерации што ќе ја сакаат и ќе ја чуваат својата средина – изјави Лабудовиќ.
Со воведувањето на зелениот буџет, системот за селекција, редарската служба и еко-образованието, Центар се позиционира како прва вистински одржлива и еколошки ориентирана општина во Македонија.
Ова не се само мерки, ова е визија за општина што ќе живее по нови зелени правила.
– Центар ќе биде пример дека вистинската промена почнува со еден избор, со едно шише, со едно дете што ќе научи дека немаме резервна планета. Ова е нашата заложба, за Центар што дише, расте и живее во зелено – порача Лабудовиќ.