КИСЕЛА ВОДА ЌЕ ДОБИЕ ПОЛИКЛИНИКА Обезбедени се парцела, проект и пари

Објектот ќе биде лоциран спроти кафулињата, зад постојниот паркинг во Расадник, на централна и достапна локација за сите жители.

773

Кисела Вода ќе добие нова и современа поликлиника, која ќе биде сместена во населбата Расадник, најави актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

– Овој здравствен објект што ќе обезбеди полесен и побрз пристап до здравствени услуги за сите жители од овој дел на општината. Со години, жителите на Кисела Вода се соочуваа со недостиг од ваква здравствена установа во својата непосредна близина, па за секој лекарски преглед беа принудени да патуваат до други делови на градот – рече Ѓорѓиевски.






Обезбедена е градежна парцела за изградбата на поликлиниката, а целосно е изработен и основниот проект, според кој новата зграда ќе се простира на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат.

Објектот ќе биде лоциран спроти кафулињата, зад постојниот паркинг во Расадник, на централна и достапна локација за сите жители.

Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита.

На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари, додека на катот ќе бидат интерна медицина, кожно, гинекологија и ординација за уво, нос и грло, заедно со административни простории.

– Изразувам голема благодарност до Владата и до премиерот Христијан Мицкоски, преку кои ќе се финансира оваа капитална инвестиција, со средства од унгарскиот кредит. Оваа соработка покажува дека споделуваме заеднички вредности и цели – создавање подобри услови за живот на граѓаните – додаде Ѓорѓиевски.

Благодарение на поддршката од Владата, во општина Кисела Вода во моментов над дваесет капитални проекти или се реализираат или започнуваат со реализација во следниот период.

 

Поврзани содржини