„СЕ ПЛАШИШ ЗАШТО ЗНАЕШ ДЕКА ЌЕ ТИ ОДГОВАРА ПОЛОВИНА ВЛАДА“ Филипче го нападна Мицкоски од Кавадарци

Опозицијата обвинува за партизација на институциите и најавува фер систем во кој сите ќе одговараат, без разлика на партијата.

1,555

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина под мотото „Се бориме за нашиот дом“ во Кавадарци, жестоко го нападна премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека не спровел никакви реформи во судството и дека дозволил целосна партизација на институциите.

– Зошто не направи ништо? Зошто не ги реформираше судството и обвинителството? Зошто се плашиш, Мицкоски? Дали затоа што знаеш дека ако судството стане навистина независно, половина твоја влада ќе мора да одговара пред закон? – праша Филипче пред присутните.






Тој нагласи дека премиерот не сака независно судство, туку „свое судство“, со обвинители избрани по список „од тефтерчињата во Белата палата“.

– Ако навистина сакаш правда, биди маж и кажи дека секој ќе одговара и од СДСМ, и од ВМРО-ДПМНЕ, и од сите партии. Направи реформи и ќе имаш наша поддршка – изјави Филипче.

На трибината, лидерот на СДСМ зборуваше и за состојбата во земјоделството, посочувајќи дека „тиквешијата страда под оваа власт“.

– Не е патриот оној што дозволува 11.000 семејства што живеат од лозарството да бидат понижени – порача тој, додавајќи дека Владата се грижи само за „фаворизирани фирми и блиски луѓе“, додека малите земјоделци се заборавени.

Филипче ја обвини власта и за „економски хаос“, стотици компании, според него, не добиле поврат на ДДВ, платите стагнираат, а цените растат.

– Додека економијата пропаѓа, Владата воведува нов данок на евтини интернет-пратки. Во држава со 40% сива економија, ова е уште еден удар врз народот – изјави тој.

Од Кавадарци беа најавени неколку клучни проекти, агро берза за пласман и реални цени без уцени, како и бизнис старт-ап центар за младите претприемачи.

Носителот на листата за советници, Вуко Мелов, изјави дека СДСМ се залага за „почист и позелен град“, со пониски комунални трошоци, бесплатни градинки за деца од семејства со ниски приходи и ослободување од комуналии за млади семејства.

– Кавадарци мора да стане град што се развива со план, визија и љубов – рече Мелов.

Кандидатот за градоначалник Виктор Велевски додаде дека нивната борба е за правда, еднаквост и слобода.

– Нашата борба е рамо до рамо со работникот, земјоделецот, обесправените и социјално угнетените. Ќе се залагаме за зелен прстен околу градот, гасификација и пречистителна станица – најави тој.

На крајот на трибината, присутните со едноминутно молчење му оддадоа почит на поранешниот градоначалник и пратеник Панчо Минов, кавадарчанец кој оставил значаен белег во локалната заедница.

Поврзани содржини