АВСТРИСКА МИНИСТЕРКА ВО ПОСЕТА НА ЕВН МАКЕДОНИЈА Плаколм воодушевена од македонската енергетска визија
Министерката Плаколм е изненадена од енергетската синергија меѓу институциите и компаниите во земјата.
Во просториите на ЕВН Македонија се одржа работна посета на австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство Клаудија Плаколм, која заедно со министерката за енергетика Сања Божиновска и австрискиот амбасадор Мартин Памер, се запозна со инвестициите, дигиталните решенија и развојните проекти на компанијата.
Посетата, како што информираат од ЕВН Македонија, имала за цел да го прикаже напредокот на компанијата во дигитализацијата и модерното управување со дистрибутивната мрежа, со акцент на диспечерскиот центар, кој претставува централна точка за управување со електроенергетскиот систем на национално ниво.
– Македонија ја позиционира својата енергетска политика на европската мапа, благодарение на законите и регулативите што се креираат во новоформираното Министерство за енергетика, кои се во целост усогласени со европските стандарди – изјави Волфганг Маиер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.
Министерката Сања Божиновска нагласи дека ЕВН Македонија претставува пример за успешна странска компанија, која не само што инвестира во својата дејност, туку и активно придонесува кон заедницата.
– Оваа компанија покажа дека вистинскиот партнерски однос меѓу државата и приватниот сектор носи резултати. Тоа е модел на кој треба да се стремиме и во иднина – рече Божиновска.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од посетата и истакна дека е позитивно изненадена од синергијата меѓу институциите и приватниот сектор во земјата.
– Она што го видов денес во ЕВН Македонија е доказ дека Северна Македонија има потенцијал да биде регионален пример во одржливата енергетика – порача Плаколм.
Во рамки на средбата, беше потенцирана и долгогодишната соработка меѓу Австрија и Северна Македонија во областа на енергетиката, која се темели на размена на знаење и добри практики.
Од компанијата додаваат дека ЕВН Македонија останува посветена на инвестиции во модернизација, дигитализација и одржлив развој, со јасна визија – сигурна, ефикасна и зелена енергетска иднина за сите корисници.