ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА ПОД ОПСАДА НА ИНСПЕКТОРИТЕ Димитриеска Кочоска најави дека ќе има уште казни и одземени лиценци
Таа потсети дека 2024 година министерството ги предупредило финансиските друштва да работат согласно Законот за заштита на потрошувачите каде што е дефинирано дека одредени опомени и таков тип на дејствија што ги преземаат не смеат да се наплаќаат.
Инспекцискиот надзор во финансиските друштва уште трае и ќе има уште одземени лиценци и изречени парични казни, најави миниситерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска.
Таа рече дека контролите на финансиските друштва се засилени особено по 2024 година и дека се изречени мерки, како што се одземање дозволи на 4 финансиски друштва, привремено затворање, изречени глоби во износ од околу 50.000 евра и слично.
-Ние постапуваме и до крајот на годината најверојатно ќе имаме изрекување на уште прекршоци кон одредени финансиски друштва и ќе има и понатаму одземање на дозволи – рече министерката.
Димитриеска -Кочоска во утринското гостување во радио Лидер појасни дека министерството за финансии е носител на регулативата на финансиските друштва и има надлежности согласно Законот за финансиски друштва и Законот за заштита на потрошувачи при договори за потрошувачки кредити. Но согласно законските прописи надлежности над работењето на финансиските друштва имаат и други институции.
– Управата за јавни приходи во делот на даноците, Агенцијата за заштита на лични податоци во делот на личните податоци, Државниот пазарен инспекторат, она за што вчера соопшти во делот на наплата на опомени, измамнички пракси и измамничко рекламирање, Управата за финансиско разузнавање кога станува збор за промена на сопственост и во делот на перење пари и Финансиската полиција -рече таа.
Таа потсети дека 2024 година министерството ги предупредило финансиските друштва да работат согласно Законот за заштита на потрошувачите каде што е дефинирано дека одредени опомени и таков тип на дејствија што ги преземаат не смеат да се наплаќаат.
Министерството годинава доставило и допис до ДПИ за членови од договори за кредити на друштвата кои укажувале дека се прибираат трошоци, за да се преземат мерки.
Министерската најави дека е подготвен и завршен нов предлог-закон за измени и дополнување на Законот за финансиски друштва и дека тој носи клучни измени за заштита на граѓаните. Меѓу нив се регулира исплатата и уплатата на средствата да се врши електронски, односно да се ограничи исплата во готовина, потоа намалување на трошоците за кредитите од финансиските друштва и слично.