МАТЕМАТИЧАРОТ ШТО ГО РЕШИ НЕВОЗМОЖНОТО…И ИСЧЕЗНА Приказната на Григориј Перелман тежи милион долари
Одбивајќи ја милонската награда и „Филдс Медалот“, Григориј Перелман буквално се повлече од научниот свет, но и од јавноста. Во едно од ретките негови изјави за руски новинари, рече дека не сака да биде „во зоолошка градина“.
Во метрото на Санкт Петербург, сред обичните патници, понекогаш се појавува скромен, неуреден човек со долга коса и стара јакна. Малкумина би претпоставиле дека токму тој човек, Григори Перелман, е еден од најголемите математички умови на нашето време. И човекот кој реши една од најтешките загатки во историјата на науката, а потоа ги одби славата и милионите долари што следуваа.
Чудо од дете, херој-математичар во сенка
Перелман е роден во 1966 година во Ленинград (денешен Санкт Петербург). Уште како дете бил препознаен како математичко чудо од природата. На 16 години освоил златен медал на Меѓународната олимпијада по математика без ниту една грешка — подвиг што ретко кој го постигнува. Но, наместо да стане медиумска ѕвезда, Перелман секогаш бил интровертен, повлечен и заинтересиран само за суштината — математиката.
Космосот на една единствена хипотеза
Најголемиот момент во неговата кариера доаѓа во 2002 година, кога на интернет ги објавува своите трудови со кои ја решава Пуанкареовата хипотеза — проблем стар повеќе од еден век. Оваа хипотеза, поставена од францускиот математичар Анри Поинкаре во 1904 година, се занимава со обликот на универзумот.
Едноставно кажано, прашува: ако некое тридимензионално тело нема „дупки“ во себе, дали тоа мора да биде во форма на тридимензионална сфера? Звучи апстрактно, но одговорот на тоа прашање е клучен за разбирањето на просторот, вселената и дури и на космолошките модели.
Генијот што ги напушти светлата на сцената
За да ја докаже хипотезата, Перелман користел методи од областа наречена Ричиева геометрија, развивајќи нови концепти што подоцна ја револуционизираа топологијата. Научниците ширум светот се обидуваа со години да проверат дали навистина го решил проблемот — и конечно, во 2006 година, математичката заедница потврди: Хипотезата на Поинкаре е решена.
Но, тогаш следуваше нешто уште повоодушевувачко — Перелман го одби „Филдс Медал“, највисокото признание во математиката, а подоцна и Милениумската награда од еден милион долари, доделена од институтот „Clay Mathematic“.
– Ако решението е точно, не ми треба признание. Ако не е, тогаш признанието е бесмислено – рекол тогаш генијот.
„Не сакам да бидам во зоолошка градина“
Со тоа, Перелман буквално се повлече од научниот свет. Не даде интервјуа, не објави нови трудови, и не прифати ниту една од бројните понуди од универзитети во Америка и Европа. Во едно од ретките негови изјави за руски новинари, рече дека не сака да биде „во зоолошка градина“ — алудирајќи на јавната фасцинација со неговата личност.
Денес, тој живее повлечен живот во Санкт Петербург, со својата мајка. Се вели дека живее скромно, без автомобил, без луксуз, со неколку основни потреби. Но, за многумина, токму тоа го прави симбол на нешто што ретко се гледа во современиот свет — човек кој не се продава за пари, ниту за слава.
Лекција вредна повеќе од милион долари
Некои Руси дури го сметаат за „морален херој“ на науката. Неговото име станало симбол на интелектуална чест и интегритет, а низ интернет кружат приказни и маици со неговиот лик и порака: „Не можеш да купиш сè.“
Дали тоа навистина е масовен тренд е сомнително, но симболиката е јасна. Перелман претставува нешто што сите потајно го почитуваме: гениј кој ја избрал тишината наместо аплаузите.
Иронијата е дека неговата работа, која се занимава со најдлабоките структури на вселената, заврши со една човечка лекција за вредностите.
Тој покажа дека интелектуалниот подвиг не мора да оди рака под рака со славата. Во свет каде успехот се мери во пари и лајкови, Перелман остана доказ дека постојат луѓе кои го бараат само — вистинското знаење.