ФИЛИПЧЕ СО ОСТРА ПОРАКА ДО ВЛАСТА Кога ќе ја изгубите довербата од народот, почнувате да измислувате непријатели, рече лидерот на СДСМ
Оваа власт не сака дијалог, туку поделби и хаос, порача Филипче на средба со граѓаните на Карпош.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва на граѓанскиот собир „Се бориме за нашиот дом“ во општина Карпош истакна дека владата која ја губи довербата од граѓаните се обидува да создава непријатели за да ја сокрие вистината.
Филипче ја осуди, како што рече, црната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека таа е доказ за неспособност и страв од народот.
– Власт која води негативна кампања не е само неспособна, тоа е власт која не сака напредок, дијалог и компромиси. Напредокот на државата не смее да биде непријател – рече Филипче.
Тој нагласи дека сегашната власт се одржува од поделби, сиромаштија, корупција и хаос, и повика на единство, разум и отпор против лагите и поделбите.
– Јас во нивната кал нема да влегувам, туку ќе продолжам да ги разобличувам. Нека се препелкаат во национализмот, лажниот патриотизам и својата неспособност – истакна лидерот на СДСМ.
Филипче потсети дека во изминатата година и пол, СДСМ ги зголеми платите, минималната плата и социјалната помош, воведе методологија за раст на пензиите и реши проблеми на стечајни работници.
– Во криза покажуваме грижа, а не алчност. Конкретни чекори ги олеснуваат животите на граѓаните – истакна Филипче.
Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, ја претстави својата програма со приоритети како функционални јавни претпријатија, уреден сообраќај, повеќе зеленило и современо, дигитално Скопје.
– Ова е заедничка мисија да изградиме модерен, чист и функционален град, кој ќе биде нашиот дом, а не извор на секојдневни нервози – рече Шукова.
Таа ги критикуваше четиригодишните неуспеси на актуелната градска власт, посочувајќи проблеми со подигање на сметот, вода во високите зони, нефункционален јавен превоз, запуштени паркови и улици.
Шукова најави конкретни инфраструктурни проекти во Карпош: нов мост близнак на „Обединети нации“ со шест коловозни ленти и велосипедски и пешачки патеки, поврзување на булеварите Словенија и Никола Карев, продолжување на булеварот Словенија до Ѓорче Петров и ставање во функција на мостовите „Михаило Апостолски“ и „Љубљанска“.
– Ќе воведеме „Зона 30“ во густо населени делови, ЛЕД осветлување, нови велосипедски патеки и трансформација на запуштени површини во паркови и скверови – додаде Шукова.
Кандидатката за градоначалничка на Карпош од СДСМ, Маја Мојсова, истакна дека општината се соочува со сериозни проблеми – загаден воздух, дупки по тротоарите, диви депонии, сообраќаен метеж, нефункционална инфраструктура и недостиг на зеленило.
– Нашата програма предвидува реконструкција на секој кварт: нови паркови, детски игралишта, дрвореди, домови на култура, јавни консултации, транспарентна администрација и поддршка за мали бизниси и иновации – рече Мојсова.
Таа нагласи дека промена на начинот на функционирање на општината е клучна за враќање на довербата на граѓаните.