ВО СЕЛАТА МАТИЧНИ ЛЕКАРИ НЕМА НИ ЗА ЛЕК! Ни требаат 96, имаме 44, што да се прави?

Директорот на Фондот ги повика сите заинтересирани да дадат предлози какви мерки да се воведат за да се смени оваа состојба.

174

Во моментот од 96 планирани матични лекари во рурални подрачја, функционираат 44, а недостигаат 52. Тоа значи дека имаме помалку од 50 отсто исполнетост на руралните амбуланти – истакна генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски на денешната прес конференција.

Тој ги повикува сите матични лекари кои работат во руралните подрачја, младите доктори кои би сакале да почнат со работат во руралните подрачја, како и кој било заинтересиран, вклучувајќи го и Здружението на приватни лекари, да дадат предлози што треба да се измени во правилата за да ги поттикнат лекарите да работат како рурални матични лекари.






– Неопходни се мерки кои треба да ги охрабрат младите лекари да започнат да работат во руралните подрачја, односно измени на правилникот кој тоа го регулира, да обезбедиме натамошна либерализација на условите за рурални матични лекари и да видиме кои се пречките кои оневозможуваат младите лекари да започнат да работат во руралните подрачја – рече директорот Клековски.

Тој рече дека заинтересираните може да ги испраќаат предлозите на е-пошта: [email protected], до 1. ноември, сите пристигнати предлози ќе бидат разгледани од посебна комисиија задолжена за подготовка на измените и доколку тие се во согласност со законската регулатива, ќе бидат вградени во новиот правилник или ќе послужат како основа на измени на законската регулатива.

– Многу набрзо ќе мора да размислуваме за малите места кои не се дефинирани како рурални. Во Ресен има само тројца матични лекари. Демографската, возрасната структура на матичните лекари е исклучително лоша и за 10 до 15 години ќе имаме сериозна криза во покриеноста. И тоа не е ислучок за Македонија. Неодамна бев на консултација со Светската банка за Западен Балкан. Цела Европа е посебно погодена со криза во примарната здравствена заштита и огромни подрачја остануваат непокриени со примарна здравствена заштита и листите за чекање за базични прегледи се продолжуваат. Ако гледаме дека тоа ќе биде проблем за десеттина години, ние мора сега да дејствување, за да не се најдеме во ситуација на 30 до 40 километри да нема доктор достапен за населението, додаде Клековски.

Тој појасни дека една од можностите е да се зголемат дотациите, но главниот проблем на руралните подрачја е малиот број осигуреници што значи ниска капитација, ниски примања.

Поврзани содржини