КОАЛИЦИЈАТА СО ГРАЃАНИТЕ Е НАЈВАЖНА ЗА ГЕРАСИМОВСКИ Кампањата ја почна со садење дрвја

72

Кандидатот за градоначалник од СДСМ и актуелен градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, заедно со носителот на советничката листа Александар Савевски и сите кандидати за советници, кампањата за локалните избори ја почнаа со садење дрвја во Паркот на Франкофонијата како симболика за развој, за одржливост, за иднина, за долгорочна грижа за Центар.

– Со вас граѓаните испишавме одлична Програма и конкретни планови. За сите маала, улици и граѓани. Бидејќи за нас најважен е граѓанинот. Со вас, ја правиме најсилната коалиција, најсилното движење и најдоброто решение за Центар што го сакаме. Како и досега, и во овие денови, со нашиот центарски и најголем тим од 600 волонтери и поддржувачи ќе влеземе во над 15.000 домаќинства. Лично и со мојот одличен тим, сакаме да ви ги понудиме најдобрите решенија за сите барања и потреби – рече тој.






Герасимовски рече дека посакува и ветува мирна и позитивна кампања. На останатите кандидати им посака среќа и желба да бидат дел од новата центарска култура.

– Преку позитивна кампања да се натпреваруваме со идеи и проекти. Во Центар немало и не смее да има место за навреди и омаловажувања. Веруваме дека граѓаните повторно ќе го изберат Центар што го сакаме – рече Герасимовски.

Носителот на советничка листа Александар Савевски, истакна дека Герасимовски покажал како најдобро се води општина и како жител на Центар одлучил да ги предводи кандидатите за советници, со целосна доверба и поддршка за Горан Герасимовски.

– Застанувам зад Герасимовски, затоа што тој и тимот работат за сите, не ги делат луѓето и нудат решенија преку чесна и одговорна работа. Застанувам со него, затоа што тој предводи вистинско граѓанско движење, нова енергија во Центар. Решив да бидам со Горан затоа што како и за мене, и за него, граѓанинот е во центарот, затоа што знае да слуша, да исполнува, знае да обединува и знае да води општина со сите и за сите, без политика и интереси. И како доктор и како иден советник, за мене луѓето се најважни – рече Савевски и ја побара поддршката од граѓаните.

Поврзани содржини