ПОЧНУВА КАМПАЊАТА ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ За 80 општини има 309 кандидати за градоначалници

Право на глас на Локалните избори 2025 имаат 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 се во земјава додека 112.000 се запишани во посебниот избирачки список со лица кои се одјавиле и се на привремена работа и престој во странство. 2.162 гласачи се на издржување казна затвор или притвор и 450 гласачи ќе остварат гласачко право во старските домови.

114

Партиите и независните кандидати денеска на првиот ден од кампањата за Локалните избори 2025 започнуват со официјалните претставувања пред гласачите. Изборната кампања започна денеска и ќе трае до 17 октомври на полноќ по што следува 24-часовен молк пред гласањето на 19 октомври (втор круг 2 ноември). Освен на терен меѓу и со поддржувачите, кампањата е веќе започната и на социјалните мрежи.

Кој каде ќе стартува?






ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја започнуваат изборната кампања вечерва во Скопје на голем настан на кој ќе го промовираат кандидатот за градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски. Претставувањето на сите кандидати за градоначалници и носители на листите за советници се одржа во саботата во Штип.

Централниот настан на СДСМ и коалицијата вечерва е во Крушево каде кандидат за градоначалник е Томе Христоски, а претходно нивниот изборен караван ќе биде во Демир Хисар и во Могила. Тие вчера имаа претставување на сите кандидати на коалицијата што ја предводи опозициската партија.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, проф. Горан Марковски, поддржан од граѓанско-политичката платформа Независни заедно кампањата ќе ја почне со прес-конференција на улицата Љубљанска во Карпош.

Вреди ќе го одржи централниот настан за претставување на кандидатите за градоначалници во вторник во Скопје, а денеска на плоштадот Скендербег свое претставување ќе има кандидатот за градоначалник на Чаир и вицепремиер Изет Меџити и советничката листа за оваа скопска општина.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) централниот настан за претставување на кандидатите за градоначалници го одржа синоќа во Скопје.

Вчера претставување на своите кандидати за градоначалници и советници организираше и коалицијата „Искуство за успех“ што ја сочинуват ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР.

Претставувања на кандидатите за градоначалници и совети ќе има и во други општини.

Како што е предвидено во Изборниот законик (член 69а) за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.

Најмногу кандидати има за Скопје 

Локалните избори 2025 се осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10.490 кандидати.

На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.

Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.

Право на глас на Локалните избори 2025 имаат 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 се во земјава додека останатите 112.000 се запишани во посебниот избирачки список со лица кои се одјавиле и се на привремена работа и престој во странство, 2.162 гласачи кои се на издржување казна затвор или притвор и 450 гласачи кои ќе остварат гласачко право во старските домови. Гласање во дијаспората за локалните избори нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата ќе можат да го остварат своето право на глас.

Според Избирачкиот список во 132 избирачки места има помалку од 10 избирачи, за кои гласањето ќе биде спроведено на најблиското избирачко место, како и 70 избирачки места со над 1.000 гласачи.

Најдоцна една недела пред изборите (до 10 октомври) болните и изнемоштените кои сакаат да гласаат дома треба да достават барања до Општинските изборни комисии со соодветна документација. Избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, а кои сакаат да гласаат, преку овластен полномошник треба да ја известат ОИК најдоцна три дена пред денот определен за гласање (14 октомври). Гласањето за нив, како и немоќните и болните, за затворениците и лицата во старските домови избирачките одбори го спроведуваат на ден пред изборите односно на 18 октомври.

Буџетот за овие локални избори е 9.760.000 евра

Постапката за гласање останува иста почнувајќи од личната идентификација на гласачите, употребата на биометриските апарати, земањето на избирачките ливчиња и тајното гласање. Во 80 општини ќе има по две гласачки ливчиња за градоначалник и за совет, додека во Градот Скопје ќе има четири гласачки ливчиња – за градоначалник на Град Скопје, за градоначалник на општината и за два совета.

Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025 изнесува 9.760.000 евра, од кои две третини се наменети за медиумите и за платеното политичко рекламирање. Дополнително на овие пари е и сумата за надоместоците на членовите на избирачките одбори и транспортот и дистрибуцијата на членовите на ИО и избирачкиот материјал од ОИК до избирачките места каде што ќе се гласа, бидејќи тие ги обезбедуваат локалните самоуправи.

Според Изборниот законик, локалните избори се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври. Локалната самоуправа е организирана во 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Во состав на Градот Скопје функционираат 10 општини, кои имаат поделени надлежности со Градот.

Изборите ги распишува претседателот на Собранието со донесување акт што се објавува во Службен весник. Изборите се одржуваат најрано 70, а најдоцна 90 дена од денот на распишување на изборите.

Локални избори во Македонија се одржале во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.

Поврзани содржини