ИЗРАЕЛ ЌЕ БИДЕ „АУТ“ ОД ЕВРОПСКИТЕ ФУДБАЛСКИ ДУЕЛИ? Мнозинството во УЕФА е спремно да му додели судбина слична на Русија
УЕФА го прифати Израел во 1994 година, кога поради тензии на Блискиот Исток и нарушени односи со соседите, Израел се откажа од азиските квалификации. Сега, поради војната со Хамас и ескалацијата на насилството во Газа, повторно се поставува прашањето дали земјата може да остане дел од европската фудбалска заедница
Израелските фудбалери би можеле да бидат избришани од картата на европските натпревари веќе следната недела, јави Тајмс. Според наводите на спортскиот уредник Мартин Циглер, повеќето членки на УЕФА се подготвени да изгласаат целосна суспензија на израелските клубови и националниот тим.
„Израел би можел да добие статус како Русија – технички член, но без натпревари“, обзнани Циглер.
УЕФА го прифати Израел во 1994 година, кога поради тензии на Блискиот Исток и нарушени односи со соседите, Израел се откажа од азиските квалификации. Сега, поради војната со Хамас и ескалацијата на насилството во Газа, повторно се поставува прашањето дали земјата може да остане дел од европската фудбалска заедница.
„УЕФА ја разгледува ситуацијата и ќе донесе одлука во интерес на безбедноста и интегритетот на натпреварите“, стои во кусото соопштение од Европската фудбалска унија.
Ако се потврди суспензијата, Израел нема да може да ги продолжи квалификациите за Светското првенство 2026, бидејќи иако тоа е под капата на ФИФА, натпреварите се организираат преку УЕФА. Со тоа, деветте освоени бода од пет меча би биле залудни, а шансите за пласман на Мундијалот – избришани.
Макеби Тел Авив, клубот што го води Жарко Лазетиќ, веќе се најде во незавидна ситуација во групната фаза од Лига Европа. Иако освоија бод во првото коло, не се знае дали ќе им се дозволи да продолжат.
Случајот потсетува на Русија, која по инвазијата врз Украина беше итно исфрлена од сите натпреварувања. Националниот тим од тогаш игра само пријателски мечеви против „егзотични“ селекции, а клубовите се целосно исклучени. Планот за преселба во Азија беше напуштен, во надеж дека враќањето во УЕФА е возможно.