АЛИУ СО ВЕТУВАЊЕ ЗА РЕВОЛУЦИЈА ВО ЗДРАВСТВОТО „Мој Термин“ и „Мое Здравје“ ќе добијат моќни надградби
Министерот за здравство Азир Алиу на Конгресот на лекари порача дека националните мрежи за радиологија и телемедицина ќе бидат новиот чекор во унапредувањето на системот.
Граѓаните денес се технолошки подготвени повеќе од кога било, што е основа и обврска за поголемо дигитално учество во здравствениот систем, истакна министерот за здравство Азир Алиу на панел-дискусијата за дигитализација и нови технологии во здравството, што се одржа во рамки на 21. Конгрес на лекари во организација на Македонското лекарско друштво.
– Нашата цел е едноставни и практични решенија што ќе носат директна корист за пациентите: полесен пристап до податоци, навремени информации и сигурност дека нивните податоци се заштитени. Системот „Мој Термин“, апликацијата „Мое Здравје“ и идните национални мрежи за радиологија и телемедицина се чекор напред во таа насока. Верувам дека со зголемување на интероперабилноста, анализа на податоци и примена на нови технологии ќе создадеме поефикасен и поправеден здравствен систем – изјави министерот Алиу.
На панелот учествуваше и Далибор Фруниќ, извршен директор на СОРСИКС и експерт за дигитално здравство, кој нагласи дека дигитализацијата во Македонија е на светско ниво.
– Податоците кои постојат се богатство кое ќе овозможи напредни чекори во вештачка интелигенција и „data-driven decision making“, за бенефит и на системот и на клиничката пракса – рече Фруниќ.
Од Министерството за здравство нагласуваат дека остануваат посветени на создавање модерен дигитален систем кој ги става пациентите во центарот на здравствената заштита.