ТРИТЕ НАЈГОЛЕМИ ПРИВАТНИ БОЛНИЦИ ЌЕ МУ ПОМАГААТ СО КАДАР НА ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО Потпишан Меморандум за соработка за доброто на пациентите
Со Меморандумот ќе се овозможи ангажирање на здравствен кадар - специјалисти од приватниот сектор во јавните здравствени установи, во случаи на зголемени потреби, недостиг на кадар или други приоритетни здравствени барања.
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска ги посети трите најголеми приватни здравствени установи во земјава „Аџибадем Систина“, „Жан Митрев“ и „Ремедика“ со кои потпиша Меморандум за соработка.
Со овој меморандум се воспоставува рамка за соработка помеѓу Министерството за здравство и приватните здравствени установи, со која ќе се овозможи ангажирање на здравствен кадар – специјалисти од приватниот сектор во јавните здравствени установи, во случаи на зголемени потреби, недостиг на кадар или други приоритетни здравствени барања.

– Законското функционирање на сите здравствени установи, како јавни, така и приватни, е наш највисок императив. Целта е врвниот потенцијал на здравствениот систем да се стави на располагање на пациентите, преку мапирање и ставање на потребните ресурси во интерес на граѓаните – истакна министерот Алиу.
Меморандумот предвидува Министерството тековно да ги идентификува јавните здравствени установи со потреба од дополнителен кадар, да обезбеди административна и правна поддршка, како и да ја координира соработката. Од друга страна, приватните здравствени установи се обврзуваат да обезбедат квалификуван здравствен кадар кој ќе биде ангажиран под јасно утврдени услови и во согласност со етичките и професионалните стандарди.
Со овој чекор, Министерството за здравство го унапредува партнерството со сите здравствени капацитети во државата, со крајна цел – подобрување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за пациентите.
