МАЛА ГРУПА СО ВИСОКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Трамп ги нагости технолошките лидери со вечера во Белата куќа

Маск изјави на „Икс“ дека бил поканет, но „за жал не можел да присуствува“, додавајќи дека негов претставник сепак бил таму. Белата куќа потврди дека бил поканет.

289

Претседателот Доналд Трамп на САД синоќа приреди вечера во Белата куќа со водечки личности од технолошката индустрија и други бизнис и политички лидери, но изостана извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск.

На настанот беа поканети повеќе од десет технолошки претприемачи, меѓу кои основачот на „Мета“, Марк Закерберг, извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, основачот на „ОпенАИ“, Сем Алтман, извршниот директор на „Гугл“, Сундар Пичај, и првиот човек на „Мајкрософт“, Сатија Надела.






Закерберг седеше до Трамп, додека Гејтс беше сместен до првата дама Меланија Трамп. Претседателот ги пофали бизнис-лидерите, нарекувајќи ги „група со висок коефициент на интелигенција“ и истакна дека тие „водат револуција во бизнисот и генијалноста“.

Гејтс во своето обраќање ја пофали иницијативата на Трамп за вакцина против Ковид-19 „Операција Warp Speed“ и рече дека, иако „не ни треба нова наука“ за вакцините против детска парализа, потребни се нови истражувања за болести како ХИВ и српеста анемија.

Изјавите дојдоа само неколку часа по сенатското сослушување на министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот, познат скептик за вакцини, кој во Сенатот се соочи со остри прашања.

Новинарите го прашаа Трамп дали има доверба во Кенеди, а тој одговори дека е „многу добра личност“ со „различен пристап“, кој „мисли добро“.

Маск, пак, изјави на „Икс“ дека бил поканет, но „за жал не можел да присуствува“, додавајќи дека негов претставник сепак бил таму. Белата куќа потврди дека бил поканет.

Маск годинава имаше јавен судир со Трамп околу државната потрошувачка и „Епстајн“ документите, па најави и формирање нова „Американска партија“, што досега не се реализирало.

Трамп оваа недела изјави дека верува оти Маск ќе се врати во Републиканската партија.

– Тој е добар човек. Погрешно беше што излезе од контрола, и тоа е во ред, бидејќи, знаете, тоа е само една од тие работи – рече Трамп.

Тој исто така го опиша извршниот директор на Тесла како „80 отсто супер гениј, а потоа 20 отсто проблематичен“, и додаде: „и кога ќе ги реши тие 20 отсто, ќе биде одличен, но има одредени тешкотии.“

Вечерата беше накратко отворена за новинарите, а претходно истиот ден првата дама беше домаќин на самит за вештачка интелигенција.

Трамп во изминатиот период оствари повеќе средби со технолошки директори, барајќи од нив инвестиции во САД, и дури се закани со високи царини за увезени полупроводници ако компаниите не започнат производство во земјата.

Поврзани содржини