УШТЕ ЕДНА ВЛИЈАТЕЛНА ДРЖАВА ВО ЕУ ЌЕ ЈА ПРИЗНАЕ ПАЛЕСТИНА НА 22 СЕПТЕМВРИ Белгија најави силни санкции за Израел
Палестина ќе биде признаена од Белгија на седницата на Обединетите Нации! Против израелската влада ќе бидат воведени силни санкции, напиша белгискиот шеф на дипломатијата на социјалната мрежа Икс.
Белгија ќе ја признае палестинската држава на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации (ГСОН) овој месец и ќе воведе пакет од 12 санкции против Израел, соопшти денеска белгискиот министер за надворешни работи и вицепремиер Максим Прево.
„Палестина ќе биде признаена од Белгија на седницата на ОН! Против израелската влада ќе бидат воведени силни санкции“, напиша Прево на социјалната мрежа Икс.
Меѓу санкциите е забрана за увоз на производи од израелските населби на окупираниот Западен брег и ревизија на јавните набавки со израелски компании.
Прево, член на центристичката Христијанско-демократска партија, изјави дека Белгија го дава ова ветување „со оглед на хуманитарната трагедија што се одвива во Палестина, особено во Газа“.
Тој додаде дека признавањето ќе биде формализирано по ослободувањето на последниот заробеник од Газа и потоа „Хамас повеќе нема да има никаква улога во управувањето со Палестина“.
Белгискиот премиер Барт де Вевер минатиот месец оцени дека признавањето мора да биде условено со строги критериуми.
Објавата на Прево доаѓа откако францускиот претседател Емануел Макрон кон крајот на јули оваа година на Икс го објави потпишаниот документ со кој Франција на состанок во Обединетите Нации во септември планира да ја признае Палестина како независна држава.
Соединетите Американски Држави и претседателот на Израел ја осудија одлуката, додека милитантната група Хамас ја поздрави. Германија подоцна се изјасни дека нема да поддржи независна Палестина.
Франција и Саудиска Арабија на 22 септември ќе бидат домаќини на состанок за признавањето на Палестина во рамки на ГСОН, а Австралија, Канада и Велика Британија најавија дека исто така ќе ја признаат, но под одредени услови.
До април годинава, 147 земји, или 75 отсто од членките на Обединетите Нации, веќе ја имаат признаено палестинската држава..
САД и Израел остро ја критикуваат оваа иницијатива. Американскиот државен секретар Марко Рубио ја нарече одлуката на Франција „непромислена“ и најави ограничувања на визи за палестински функционери пред седницата на ОН во Њујорк.
Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич предупреди дека Израел ќе гради нови населби за секоја земја што ќе ја признае Палестина.
Палестинската управа денеска ги поздрави плановите на белгиската Влада за признавање на палестинската државност, објави палестинското Министерство за надворешни работи.