„ДРУГАР МИ ЛЕГНА ДА МЕ ЗАШТИТИ, ГО ПОГОДИЈА ВО ГРБОТ“ Шокантно сведоштво на дете кое го преживеа пукањето во Минеаполис
Мојот пријател Виктор легна врз мене за да ме заштити, но тој беше погоден. Се плашев за него, ама сега мислам дека е добро, раскажал 10-годишниот Вестон Халсен за Си-Би-Ес.
Моментот кога едно дете се спасило ставајќи ја главата под телото на својот другар, додека крв ги извалкала витражите на прозорците, е само дел од ужасот што го преживеале верниците во католичко училиште Минеaполис, каде напаѓач со три огнени оружја на 27 август усмрти две деца и рани уште 17, јави Би-Би-Си.
Сведоците присуствувале на утринската миса во католичкото училиште „Annunciation“(Благовештение), кога 23-годишниот Робин Вестман почнал да пука низ прозорците додека внатре деца учествувале во литургијата.
– Мојот пријател Виктор легна врз мене за да ме заштити, но тој беше погоден. Се плашев за него, ама сега мислам дека е добро – раскажал 10-годишниот Вестон Халсен за Си-Би-Ес.
Шефот на полицијата Брајан О’Хара соопшти дека „напаѓачот дејствувал сам, а потоа си го одзел животот“, додавајаќи дека Вестман немал значајно криминално досие.
Инцидентот е класифициран како „омраза кон католиците“ и се води како федерално злосторство, потврди ФБИ. Во манифест објавен на Јутјуб, Вестман опишал „пресметка со верските институции“. Видеото било симнато со помош на ФБИ неколку часа подоцна.
На местото на настанот била пронајдена и димна бомба, а полицијата сè уште утврдува дали истрелите биле однадвор или одвнатре, бидејќи во внатрешноста не се пронајдени чаури.
Жителите на Минеполис биле шокирани од пукањето. Некои, како Мајк Гарити, мислеле дека се слуша ексер пушка од градилиште.
– Не можев да поверувам дека е огнено оружје, бидејќи имаше премногу истрели – изјави Бил Биенеман, кој живее две улици подалеку.
Негов сосед, видел кутии со муниција пред црквата. Девојче со повредена глава повикало:
– Те молам држи ме за рака, не ме оставај – раскажал соседот.
– Ги видов лицата на децата. Тоа беше хорор – рекла Мади Бранд, дадилка која работи во близина.
„Стотици граѓани излегоа на бдеење вечерта во блиското училиште“, соопшти локалната власт. Повредените деца веќе се пуштаат од болница, а властите уверуваат дека сите ќе се опорават.
Мајка на две деца изјави за Си-Ен-Ен:
– Моите не беа повредени, но имам мешани чувства. Едно дете е многу повредено. Тоа не смее да се случува во училишта.
Гувернерот на Минеаполис Тим Волц изјави дека трагедијата е „пречеста појава во Америка“. Белата куќа нареди знамето да се спушти на половина копје.
Папата Лав XIV, кој воедно и првиот папа Американец, рече дека е „длабоко потресен“ од настанот.