ОСТРОВ ОД ВЛАЖНИ МАРАМЧИЊА ВО ТЕМЗА ГОЛЕМ КОЛКУ ДВЕ ТЕНИСКИ ИГРАЛИШТА И лондонци фрлаат несоодветно ѓубре во тоалетот

Се очекува дека во текот на неколку недели работа, приближно 180.000 тони влажни марамчиња ќе бидат отстранети од реката Темза во Лондон и дека ќе се подобри квалитетот на водата.

269

Срамниот остров од тоалетен отпад од влажни марамици во реката Темза во Лондон е голем колку две тениски игралишта, а на одредени места е висок еден метар. Овој неприроден остров  дури го променил текот на реката и ја загадил флората и фауната со микропластика, пишуваат локалните медиуми.

Озлогласениот остров во Лондон едно време имаше и свој опис на Гугл мапс: „Островот од влажни марамчиња, кој се наоѓа во близина на мостот Хамерсмит во југозападен Лондон, е културно обележје“, пишуваше во описот. Имаше и бројни иронични критики за неговата убавина, но и реални коментари дека е „одвратен“, „едноставно шокантен“ или „нешто треба да се исчисти“.






Токму тоа се случува сега – во име на Управата на пристаништето во Лондон, од средината на август, багер работи секојдневно копа во тој дел од брегот секогаш кога има услови за тоа.

На прв поглед, површината изгледа како црна и кафеава кал. Но, по подетално испитување се гледаат влакна слични на ткаенина. Багерот чисти на тој начин што со корпа собира од густата црна маса и тресе низ решетка.

„Тресењето е најважниот чекор, за да се осигураме дека ги отстрануваме само остатоците од влажните марамчиња, а не ништо од речното корито или дури и живите суштества“, вели Емили Меклин, која го надгледува проектот на лице место во име на Лондонската пристанишна управа.

„Среќни сме што конечно почнаваме да чистиме тука“, додава таа.

Меклин верува дека квалитетот на водата во реката сега повторно ќе се подобри.

Дел од жителите на Лондон се одговорни што настанал срамниот остров. Наместо во корпа за отпадоци, тие ги фрлаат влажните марамчиња во тоалетната школка, односно во градската канализација. Проблемот настанува затоа што многу британски градови имаат застарени канализациски системи, каде дождовницата и отпадните води се влеваат заедно во истата канализација. Кога, на пример, таков викторијански канализациски систем се прелева за време на обилни дождови, контроверзната компанија за вода „Темс Вотер“ испушта дел од комбинираната вода нефилтрирана во Темза, а со неа и измиените влажни марамчиња.

Се очекува дека во текот на неколку недели работа, приближно 180.000 тони влажни марамчиња ќе бидат отстранети од реката. Годинава е изграден и канализациски тунел, долг 20 километри, кој има цел да го спречи повторно акумулирање на влажни марамчиња во оваа форма. Тунелот, кој главно поминува под Темза, го собира комбинираниот вишок отпадни води и го насочува кон постројка за третман на отпадни води.

Поврзани содржини